Африка: Изумира „дрвото на животот“

LinkSense.mk

Старото африканско баобаб дрво, забележливо по дебелото стебло, познато како „дрво на животот“ изложено е на нова мистериозна закана поради која некои од најголемите и најстари стебла нагло изумреа во последниве неколку години.

Девет од тринаесет баобаб стебла, стари помеѓу 1.000 и 2.500 години, според една студија објавена во научното списание „Нејчер плантс“, се исушија меѓу 2008 и 2018 година.

Се сомнева, наведено е во студијата, дека на ова влијаат климатските промени, порастот на температурата и се поголемата суша, но тоа не е дефинитивно утврдена причина.

Дрвата изумираат во африканските држави Ботсвана, Намибија, Јужна Африка, Замбија и Зимбабве.

Научниците гледаат многу малку млади дрва од оваа врста во погодените области додека старите стебла изумираат.

„Дрвата кои се сушат се на јужните граници на областите каде што се наоѓаат баобабите“, вели Стивен Вудборн од јужноафриканската Национална фондација за истражување и автор на студијата.

Тој верува дека се поместува климатската област во која расте ова дрво, така што не станува збор за општо изумирање на баобаб. Односно, дека се работи за поместување на местото каде што растат под притисок на климата.

Дрвата баобаб се наоѓаат во топлите суви делови на јужноафриканските савани и често се наоѓаат во областите каде што се движат слонови, носорози и други диви животни. Слоновите, докажано е, помагаат во размножувањето на дрвата.

Баобаб е култно дрво за овој дел од Африка поради големината, обликот и староста. Дрвото складира во себе големи количества вода, во стеблото и во гранките, што му дава набабрен изглед. Едно големо дрво може да држи и до 140.000 литри вода впиени во текот на сезоната на дождовите. Жедните слонови често ја симнуваат кората на дрвото за да дојдат до влажните делови.