Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведува контролни и заштитни мерки во сите одгледувалишта каде што преку ветеринарните друштва се детектира присуство на вирусот на сипаници кај овци и кози.
По добиените информации за појава на болеста, од животните се земаат примероци од крв и брисеви за лабораториско испитување. Доколку присуството на вирусот се потврди, директорот на АХВ носеше решение за справување со болеста, по што се пристапува кон евтаназија и закопување на заболените животни.
Од Агенцијата нагласуваат дека се континуирано на терен и ја следат состојбата. Во однос на заштитата, АХВ веќе доставила информација за донација на вакцини до Европската Комисија и до Република Турција, а дополнително е побарана помош и од експертскиот EUVET тим на ЕК.
По добивањето на одговор за вакцинацијата, предвидено е да се изврши тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што ќе се започне со нејзина примена.
Од АХВ упатија и изрично предупредување до сточарите во врска со евентуалните самостојни постапки за заштита на добитокот.
„Секоја вакцинација на сопствен трошок на сточарот без одобрена вакцинација од страна на Агенцијата, соодветно ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација на заболените животни, односно обештетување за одземените животни“, предупредуваат од АХВ.







