Бајден во следните 24 часа ќе одлучи за продолжување на рокот за повлекување од Авганистан

Американскиот претседател Џо Бајден се очекува во следните 24 часа да одлучи дали ќе го продолжи рокот за повлекување на американските сили од Авганистан, што според неговата првична најава истекува на 31 август, пренесуваат британските медиуми, повикувајќи се на извор во американската администрација.

Според изворот, некои советници на американскиот претседател се противат на продолжување на рокот за повлекување од безбедносни причини.

Бајден би можел да ги објави своите намери за ова прашање на денешниот итен онлајн  состанок со лидерите на Г7, посветен на Авганистан.

Талибанците вчера предупредија дека евентуалната одлука на САД за продолжување на рокот за повлекување на своите војници од Авганистан ќе има последици и оценија дека тоа ќе биде продолжување на окупацијата на Авганистан.