Бајден сака состанок со Путин

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека би сакал да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во текот на своето патување низ Европа, во јуни годинава.

„Тоа е мојата надеж и очекување. Работиме на тоа“, им рече вчера Бајден на новинарите после говорот за американската борба против корона вирусот, пренесува Ројтерс.

Бајден планира да присуствува на Самитот Г7 во Корнвол, во Англија, кој ќе се одржи од 11 до 13 јуни, а потоа патува за Брисел за да се сретне со лидерите на Европската унија и да присуствува на Самитот на НАТО на 14 јуни.

Американски официјални лица работат со руски колеги на воспоставување на основи за Самит Бајден-Путин во трета земја, во текот на првото прекуокеанско патување на американскиот претседател од неговата инаугурација.

Останува да се види дали ќе биде постигнат договор, пишува Ројтерс.