Бајден му порача на светот: „Ќе поделиме 80 милиони вакцини!“

Американскиот претседател Џо Бајден најави дека САД до крајот на јуни ќе донираат 80 милиони американски вакцини – претходно најавените 60 милиони дози вакцини на Астра Зенека и уште најмалку 20 милиони дози на вакцини кои се одобрени за употреба во САД, соопшти Белата куќа.

Оваа најава на администрацијата на Бајден е следниот чекор во интензивирањето на напорите на САД да се справи со Ковид-19 низ целиот свет, се додава во соопштението.

Следните недели, САД ќе го искористат своето лидерство и заедно со партнерите од Г7, ЕУ, Ковакс и други ќе ги координираат мултилатерални напори со цел ставање крај на пандемијата.

„Конкретно, ние настојуваме да собереме конкретни обврски што можат да се исполнат од други влади и партнери од приватниот сектор за да овозможиме повеќе вакцини, да го поттикнеме производството на вакцини и суровини, да обезбедиме вакцини низ целиот свет и помош на здравствената заштита со цел спасување животи и запирање на ширењето на Ковид-19, сузбивање на пандемијата и закрепнување на економиите“, се вели во соопштението.