Бајрактаров: Мораме да си го сочуваме менталното здравје

„Менталното здравје е од огромна важност за нашето секојдневно функционирање и за квалитетот на живот кој го имаме. Сите треба активно да се вклучат во поддршката на менталното здравје кај себе, своите семејства, пријатели, колеги, заедници и да се трудиме негата и поддршката да бидат достапни за сите“, вели со писмена изјава директорт на Универзитетската клиника за психијатрија и претседател на Национална комисија за унапредување на менталното здравје, доц. д-р Стојан Бајрактаров.

Последните неколку месеци, посочува тој, светот активно се бори со ширењето на Ковид-19 и стручните лица напорно работат во изнаоѓање решенија за заштита на нашето физичко здравје.

„Но, промените кои ги искусуваме овој период и предизвиците со кои се соочуваме влијаат не само на нашето физичко здравје, туку и на нашето ментално здравје. Ова е тема која често ја занемаруваме и е проследена со зголемена стигма и со предрасуди. Познато ни е дека милиони луѓе и нивните семејства низ светот страдаат од нарушено ментално здравје и ментални растројства. Денеска 10 октомври е само краток но важен потсетник да инвестираме во менталното здравје во нашата држава“, истакнува доктор Бајрактаров.

Тој потенцира дека како стручни лица вложуваат значителен труд во изнаоѓањето иновативни решенија во адресирањето на ментално здравствените проблеми во овој тежок период.

„Во последните неколку години направивме значителен напредок, со големи вложувања, пред се, во медицинскиот персонал, но и во подобрувањето на условите за работа и можностите за третман, со активна поддршка од Европската Унија, СЗО, УНИЦЕФ и од други значајни интернационални институции“, додава д-р Бајрактаров.