Бегството на Мемети било договорено со затворските чувари!?

LinkSense.mk

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи отворија истрага против четири лица – командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци, вработени во КПУ Затвор „Идризово“, заради, како што информираат, сторено кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“.

Четворицата му помогнале Беким Мемети, кој заради убиство и за поседување дрога издржувал 19-годишна затворска казна, да избега.

Судија од Кривичниот суд на тројца осомничени, со решение, им определи мерка притвор во траење од по 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост – забрана за напуштање на домот и привремено одземање на пасошот.

Последниот учесник во спроводот, ранетиот затворски чувар, се уште е на лекување. Тој допрва треба да биде испрашан, по што ќе биде донесена одлука – дали ќе биде опфатен со предметот или ќе остане надвор од него.

Доцна вечерта во четвртокот, на 12 јануари 2023 година, десетина минути пред 23 часот, Беким Мемети, на затворските служби им пријавил повреда, расекотина на левата рака, заради што бил упатен во затворската амбуланта.

А, таму, во амбулантата, не го прегледал лекар, туку друг осуденик кој бил „работно ангажиран“.

Вака, според соопштенијата на Обвинителството и на Министерството за внатрешни работи, почнало сценариото за завчерашното спектакуларно бегство при спровод од КПД Идризово.

Осуденото лице кое било „на смена“ во амбулантата го преврзало Мемети и, во својство на „дежурен лекар“, дало препорака повредениот да се носи во Ургентен центар.

Командирот на смена не побарал лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место,туку решил веднаш да го носат во болница.

Иако процедурите налагаат, доколку осуденикот треба да се носи во здравствена установа, а е лице од висок ризик, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, командирот на смена, во случајов првоосомничен, без да информира кого било, дал наредба за спровод на Мемети.

Избрал кои четворица чувари ќе го носат затвореникот во Скопје и дал насоки – кој каде да седи во комбето за транспорт.

На затвореникот, случајно или не, му „наредил“ да седне во дел кој не бил наменет за него.

Осомничените, свесно и со намера да му овозможат бегство на осуденото лице кое го спроведувале, го седнале во средниот ред на службеното возило, а не според стандардните оперативни процедури за спровод на осудени лица во посебниот дел од возилото наменет за тоа“, се вели во соопштението на МВР.

Пред да тргнат, еден од затворските чуварите, второосомничениот, дал насока до колегата кој го возел комбето, до Скопје да одат по автопат.

Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Третоосомничениот, пак, „случајно не си го зел пиштолот. Го оставил во дежураната, во затворот. Згора на се и не презел ништо да го спречи осуденикот, иако бил сведок на се што се случувало.

Украдениот“ пиштол Мемети го вперил во неговите „чувари“ и од нив побарал да го запрат комбето.

За да биде „филмот“ поуверлив, вооружениот осуденик, придржувајќи се до договорот, пукал во кровот на возилото. Но, она што потоа се случило не било според планот. Куршумот се одбил од кровната контрукција на комбето и завршил во стомакот на возачот.

Возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво ‘ауди кое, во меѓувреме, застанало пред затворското комбе“, се вели во соопштението на Обвинителството.

По избеганиот Беким Мемети е распишана потерница.

Нему, за убиство во 2016 година во Мала Речица, Тетовско, и за поседување дрога, му се судело во отсуство, бидејќи не бил достапен на органите на прогонот.

Во 2020 година бил уапсен во Германија, од каде што бил екстрадиран во Македонија. И во повторената судска постапка тој е осуден на долгогодишна казна затвор.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: „Нова Македонија“