Бектеши: Ќе креираме нови работни места со цел намалување на невработеноста по три проценти годишно

„Главниот фокус на Министерството за економија и на Владата во наредниот период ќе биде обезбедување на можности за развој, создавање на нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните и подобри услови за работа на бизнисот,
воведување на иновации кои ќе донесат раст и развој на економијата. Главна цел е да го подигнеме животниот стандард на нашите граѓани на ниво на европските развени земји“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во презентацијата на мандатното писмо.

„Најприоритетно е во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија да работиме на отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста. Целта е таа да се намалува по три проценти годишно, како што правевме и во изминатите три години“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Како Министерство, посочи, ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании, и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството.

„Во наредните четири години ќе продолжам да водам економска политика чија цел ќе биде развој на иновативноста и инвестиции во технолошкиот развој како шанса за посакуваната трансформација во економијата. Таквата економија создава поголема додадена вредност, ги развива човечките ресурси и обезбедува поголема продуктивност и повисоки плати“, нагласи Бектеши.

Во овој мандат, додаде, својот личен фокус особено ќе го ставам на економијата, владеењето на правото и реформата на институциите.

„Кризата од пандемијата во годинава што изминува ги забави дел од проектите што се реализираа. Во изминатите скоро седум месеци ги променивме приоритетите, односно фокусот беше свртен кон најпогодените граѓани и најпогодените сектори од пандемијата. Ќе продолжиме во таа насока и во наредниот период се додека не се врати целиот свет во нормала. Јас и мојот тим веќе активно работиме на мерки и политики коишто ќе овозможат поддршка на обновувањето одржлив и инклузивен раст, во чиишто придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани и компании“, вети министерот за економија.