Берлин е за старт на преговорите до крајот на годинава

Германија, актуелниот претседавач со ЕУ, очекува до крајот на годинава да биде одржана првата Меѓувладина конференција и да почнат пристапните преговори со С.Македонија.

Според официјален Берлин, земјата ги исполни условите и затоа треба што побрзо да ги почне преговорите со ЕУ.

„Во својство на претседавач со Советот за општи работи, гордо изјавувам дека планираме да започнеме со организација на првата Меѓувладина конференција и да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија. Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори“, изјави германскиот министер за Европа Михаел Рот по вчерашната средба
со министерот за европски прашања Никола Димитров.

Северна Македонија, според него, ги исполни условите и сега е вистинско време ЕУ да испорача и да ги отвори преговорите што е можно побргу.

Порака и потврда дека официјален Берлин го поддржува почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на годината, дојде и од шефот на германската дипломатија Хајко Мас.

За дополнителните услови што ги поставува Бугарија, Мас вели дека решенија за отворените прашања треба да се бараат на билатерално ниво и оти е оптимист дека овие прашања во скоро време ќе бидат затворени.

„Што се однесува до јазикот, до името тоа се многу детални преговори кои што се одвиваат. Тоа се прашања кои што билатерално мора да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тие се обидуваат да изнајдат решение и тоа го поддржуваме да биде што е можно побрзо за да може да се продолжи со пристапниот процес за Северна Македонија бидејќи таа веќе долго чека на тоа. Преспанскиот договор е нешто историско што беше постигнато во Северна Македонија и затоа сум оптимист дека прашањата кои што се отворени во догледно време ќе можат да бидат решени. Меѓутоа за тоа потребни се понатамошни разговори кои ќе треба да се одржуваат како на ниво на ЕУ исто така и помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Мас.

Оптимисти дека германското претседавање со ЕУ и 2020 ќе бидат запаметени како успешни за македонската евроинтеграција, се министерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„За успешно заокружување на годината, по одлуката во март, потребна е уште една значајна одлука која што ќе го отвори патот кон конечно остварување и на втората стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија. Со пријател како Германија на чело на Унијата, заедничкиот успех е на дофат“, вели Димитров.

Османи, пак, смета дека претседателството на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса земјава да започне со исполнување на вториот важен државен стратешки приоритет–членството во ЕУ, покрај членството во НАТО што го остваривме оваа година.

Османи следната недела ќе оди во посета на Бугарија во обид да се најде решение за условите што ги поставува Буграрија за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Неговата бугарска колешка Екатерина Захриева вчера изјави дека добрососедските односи се основен услов и критериум за членство во ЕУ и тое не е нешто што ги измислила Софија.

„Северна Македонија мора да го почитува и да го спроведува Договорот за пријателство и добрососедство што го потпишавме. Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат. Ние инсистираме на добрососедство, што не е критериум за членство што го измисли Бугарија, туку е европски–што треба да се набљудува за време на целата преговарачка рамка“, ја пренесува БГНЕС изјавата на бугарската вицепремиерка.

На прашањето за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ, Захариева не одговотетно, посочувајќи оти се уште трае процесот на дискутирање на преговарачката рамка во европските работни групи.