Беса го поддржа изборот на Талат Џафери

„Движењето Беса го поддржува создаденото мнозинство во Парламентот и изборот на Талат Џафери за собраниски спикер. Партијата ги повикува сите институции да го почитуваат овој избор“, рече Биљал Касами, претседател на Беса.

Касами најостро го осуди вчерашниот инцидент во Собранието и рече дека за него сноси одговорност ВМРО-ДПМНЕ како партија, затоа што ги организирала хулиганите да влезат во Собранието и да направат инциденти.

Беса констатира дека покрај тоа што Македонија е во политичка криза, таа во моментов е и во безбедносна, по што упати апел до граѓаните да останат ладнокрвни и да не подлегнуваат на провокации, за да може државата да се врати на демократскиот пат.

На Зијадин Села, Касами му посака закрепнување, како и на сите новинари и пратеници.

Запрашан дали бил информиран за сценариото за избор на претседател на Парламентот вчера, тој одговори одречно, дека за тоа немал информација ниту од СДСМ, ниту од ДУИ.

Но, сепак, како што нагласи, пратениците на Беса останале во салата и го поддржале мнозинството и направиле овој процес да биде легитимен и да се избере претседател.