Билт: Иванов не е голем играч

Копретседавачот на Европскиот совет за надворешни односи Карл Билт по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече: „Демократијата, Уставот и Европа се принципите што ме водат. Сметам дека нивното почитување тука ќе ја води Македонија напред“.

За најавата од кабинетот на македонскиот претседател дека во агендата нема место за него, Билт кусо изјави:

„Среќен сум поради тоа, бидејќи немам многу време. Дури и да сакаше да се состанеме, ќе немав време за таква средба. Тука сум за да се сретнам со главните играчи на политичката сцена“, беше категоричен Билт.

Претседателот на ДУИ Ахмети посочи дека средбата со Билт била интересна поради големото искуство на гостинот со земјите од Западен Балкан и менаџирање на состојбите во Босна и Херцеговина, Косово како и во Македонија.

„Меѓунардоната заедница е заинтересирана да и помогне на Македонија за излез од политичката криза. Јас ги информирав дека ДУИ ги направи сите свои обврски околу формирање на новото мнозинство, дека сме ја дале нашата подршка и правиме напори да се надмине оваа криза, но, секако дека е потребно олеснување на процесот од страна на нашите пријатели. Политичката одговорност е на големите македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да се надминат себеси и да го стават интересот на државата. Предвремените избори не се решение за состојбата“, изјави Ахмети.

Во однос на информациите дека СДСМ имал намера да свика седница на Парламентот пред празниците, а од ДУИ одбиле, Ахмети посочи дека тоа се шпекулации бидејќи, како што рече, Собранието функционирало, а и имало согласност тоа да не работи пет денови, и со работа да продолжи денеска.

На прашањето дали ДУИ би прифатиле седница на Собранието свикана од СДСМ за да се помине на точка за избор на претседател на Собранието без ВМРО ДПМНЕ, првиот интегративец рече дека сите треба разумно да се однесуваат во оваа состојба.

„Ќе поддржиме се што води кон конституирање на Собранието согласно Уставот и законите“, посочи Ахмети.