Бил Гејтс вплеткан во нова афера!?

LinkSense.mk

Американски медиуми тврдат дека основачот на „Мајкртософт“, Бил Гејтс, испраќал „непристојни“ мејлови на жена, вработена во својата компанија, на што му свртеле внимание други раководители во фирмата и му наложиле повеќе да не го прави тоа.

Аферата која сега е откриена наводно се случила во 2007 година, многу време пред да биде откриена другата афера, според која Гејтс бил во љубовна врска со вработена, после што го напушти бордот на директори на „Мајкрософт“, пишува „Вол стрит журнал“.

Гејтс, наводно, испраќал пораки по електронска пошта во кои се додворувал на вработената, додека и тој самиот бил вработен во „Мајкрософт“, но не е јасно дали тоа го сторил кога бил на функцијата шеф за развој на софтвери, која ја превзеде откако го напушти местото генерален директор, или кога веќе стана претседател на управниот одбор.

Според наводите во текстот Гејтс ја повикувал колешката да се видат надвор од работното време и надвор од кампусот на компанијата.

Другите раководители на софтверскиот гигант дознале за мејловите во 2008 година и одржале состанок со нив заради тоа.

На тој состанок главниот правен советник на фирмата, Бред Смит, и шефицата на кадровската служба, Лиза Брумел, рекле дека мејловите на Гејтс биле несоодветни и непримерни и му наредиле да престане да ги испраќа, наведува американскиот медиум.

Милијардерот се сложил со констатацијата дека испраќањето пораки на соработничката била лоша идеја и ветил дека повеќе нема да го прави тоа, наведува „Вол стрит журнал“ повикувајќи се на добро упатени извори во случајов. Понатамошна постапка против Гејтс не е водена, затоа што не бил во физички контакт со соработничката.

Бриџит Арнолд, претставничката на Бил Гејтс за медиуми, за „Вол стрит журнал“ изјавила дека се работи за „лажни тврдења, рециклирани гласини од извори кои немаат директни сознанија, а во некои случаи се и во судир на интереси“. Портпаролот на „Мајкрософт“, Френк Шо, наведе дека вработената никогаш не поднела пријава против Гејтс за вознемирување или за што било друго.

Пораките биле само флертувачки, немале сексуална конотација, но сепак биле оценети како несоодветни“, изјави Шо за мејловите.

Да потсетиме, во текот на 2019 година американски медиуми ојавија дека Гејтс бил во врска со соработничка и дека бордот на директори на „Мајкрософт“ бил информиран за тоа. Кога почнала истрагата, Гејтс го напуштил местото во бордот на директори, а после извесно време се разведе од сопругата Мелинда, наведувајќи дека е тој „виновникот за разводот“.

Гејтс беше вмешан во уште една афера за која известуваа американските медиуми, дека бил во блиска пријателска врска со милионерот Џефри Епстајн, обвинет за педофилија и за подведување на малолетнички. Исто така, американските медиуми пишуваа и дека Гејтс бил наклонет кон додворување на соработнички во „Мајкрософт“.

 

 

 

(Фото: ЕПА / АП)