Битиќи за „Утрински брифинг“: Наскоро ќе добиеме нова влада предводена од претседателот Заев

LinkSense.mk

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи за „Утрински брифинг“ истакна дека во период кога треба да се донесе државниот буџет, кога за жал ни претстои тешка состојба со пандемијата, енергетска криза, треба да бидеме во полн капацитет.

Во четвртокот затворивме еден сегмент, се надевам дека многу брзо ќе го затвориме сегментот дали ќе има или нема влада, рече Битиќи, додавајќи дека следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар на нова влада.

Јас сметам дека наскоро ќе добиеме „Заев три“ влада, предводена од претседателот Заев, без разлика дали ќе се сменат 3,5 или 7 министри, а дали ќе добиеме „Заев четири“ влада ќе видиме, мислам дека тој ќе остане на неговата лична одлука за повлекување, но сметам дека во овој период ни е повеќе од потребен, бидејќи не смееме да испуштиме одредени процеси, рече Битиќи.

Во врска со буџетот, Битиќи истакна дека и во период кога здравствената криза не е завршена, енергетската криза не е завршена, капиталните инвестиции се покачени на ниво на кое досега никогаш не биле.

Наназад 15-20 години капиталните инвестиции биле отприлика 400-450 милиони евра, сега се над 600, но за прв пат структурно воспоставуваме тела, кои што ќе ги следат и ќе го унапредат нивото на нивно спроведување, рече Битиќи, додавајќи дека тоа се Централата единица за спроведување на инфраструктурни проекти и телото за мониторирање на економските политики.

Во врска со забелешките за задолженоста на државата, Битиќи истакна дека земјата не е презадолжена.

Јас сум прагматичен. Секое задолжуваме кое на другата страна има инвестиции, кои го подобруваат животот на граѓаните не треба да се дискутира, нагласи Битиќи, додавајќи дека во последните години, особено кога беше кризата во 2020, 2021 година, секој задолжен денар е вратен кај граѓаните на еден или друг начин.

Во врска со енергетската криза, Битиќи истакна дека таа е резултат на лошто менаџирање во изминатите 20 години и дека не може енергетскиот сектор да се подобри за 2-3 години.

На вистински пат сме со стратегијата во обновливи извори на енергија, имаме јасен план за РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, рече Битиќи и ја издвои инвестицијата на државата во енергетски објект во странство, во централата во Александропулос која се случи за прв пат во историјата на Република Северна Македонија.