Би-Би-Си за Ѓоковиќ: Кои се аргументите на славниот тенисер и дали тоа ќе помине на суд?

LinkSense.mk

Светскиот тенисер број еден ќе помине викенд „заробен“ во хотел, нетрпеливо чекајќи дали ќе успее да ја поништи одлуката на австралиската влада да го депортира од земјата затоа што не бил вакциниран. А, потоа во понеделник Новак Ѓоковиќ ќе има можност на суд да докаже дали е во право. Како ќе го аргументира својот случај и какви се неговите шанси? Дали ќе игра на австралискиот Грен слем?

Каква е состојбата на Ѓоковиќ?

Со оглед на тоа што во Австралија се на сила ковид-правила кои на повеќето странци им спречуваат влез во земјата, Ѓоковиќ веројатно аплицирал за виза за „времена активност“, која на странците им овозможува да учествуваат на големи настани.

Повеќето тенисери кои ќе се натпреваруваат на Австралија опен влегле во државата врз основа на таквите визи.

Австралиските пандемиски правила, на странците, исто така, им забрануваат да влезат во земјата ако не се вакцинирани двапати или ако немаат медицинска оправданост да не се вакцинираат.

На Ѓоковиќ, противник на вакцинацијата, Австралискиот тениски сојуз му го одобри „медицинското ослободување за учество на турнирот. Не е соопштено, меѓутоа, за какво точно ослободување станува збор.

По пристигнувањето на аеродромот во Мелбурн, меѓутоа, тенисерот не успеа да докаже дека валидноста на неговото медицинско ослободување одговара на стандардите на австралиската влада, пишува Би-Би-Си.

Приложената медицинска документација се покажа нецелосна“, рече во четвртокот премиерот Скот Морисон.

Поради тоа, на лице место му била укината визата. Бидејќи повеќе немал законска основа да биде во Австралија, Ѓоковиќ бил префрлен во просторот за депортација.

Контрааргументи?

Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ веднаш поднесе жалба, па на тенисерот му беше одобрено привремено одложување на депортацијата до донесување на судска одлука.

Се чини дека Австралиската тениска федерација го убедила Ѓоковиќ дека може да се качи во авион бидејќи му било дозволено да учествува на турнирот.

Но, дозволата за присуство на спортски настан не е исто што е и неговата виза, изјави за Би-Би-Си професорот по меѓународно право Доналд Роквел од Австралискиот национален универзитет.

Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ најверојатно ќе тврди дека неговата виза е одобрена и дека за нејзино одземање и поништивање треба да се има јасно оправдување. Постои одредена законска процедура што мора да се почитува при одземање на визата“, додаде Роквел.

Странците кои летаат за Австралија можат да аплицираат за виза преку Интернет, но кога ќе пристигнат на аеродромот мора да поминат проверка на граничната полиција.

Доколку бидат фатени со погрешна виза, нивниот опсег на жалба е ограничен, вели професорката Мери Крок, експерт за имиграциско право на Универзитетот во Сиднеј.

Тој не може на суд да каже: ‘Видете, јас сум број еден во светот и треба да ми биде дозволено да играм’. Ништо од тоа таму не вреди“, рече таа.

Според австралискиот закон, нечија виза може да биде поништена поради неколку причини. На пример, поради погрешни информации наведени во пријавата. Досега, фактите изгледаат јасни: Ѓоковиќ тврди дека имал медицинско ослободување, а австралиските власти велат дека тоа не е во согласност со бараните стандарди за влез во земјата.

Можеби има други области во процесот на поништување на визите кои тимот на Ѓоковиќ би можел да ги оспори, но засега ништо не укажува на тоа дека законот е погрешно применет.

А што е со политиката?

Премиерот Морисон ги отфрла сите обвинувања, вклучително и оние на српската влада, дека Австралија неправедно се однесува кон Ѓоковиќ.

Австралија претходно на двајца учесници на Грен слемот им дозволи да влезат во земјата врз основа на медицинско ослободување, но сега се проверуваат и нивните визи.

Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ најверојатно ќе се обиде да објасни дека одлуката е неразумна затоа што неговото патување е однапред најавено, вели професорката Крок.

Момчето е број еден во светот. Сите знаеја дека доаѓа и мислам дека е неприфатливо федералната влада да се прави дека не знаела се додека не стасал во Австралија. Тие апсолутно знаеја се. И го пуштија да се качи во авионот“, рече Крок.

Таа додава дека Ѓоковиќ може да се повика и на наметнување политички интерес, односно дека граничната служба работела по диктат на премиерот, што е незаконски. Сепак, засега нема докази за такво нешто.

Што ако победи?

Иако постоечките факти се чини не ја поддржуваат жалбата на Ѓоковиќ, не се знае какви докази ќе бидат презентирани во понеделник.

Доколку судијата пресуди во корист на Ѓоковиќ, тоа ќе му овозможи веднаш да влезе во земјата и да има една недела да се подготви за турнирот.

Не се знае дали австралиската влада во тој случај ќе поднесе жалба или ќе се повлече.

Што ако изгуби?

Не може веднаш да биде депортиран бидејќи сè уште има право на жалба до повисокиот Апелационен суд.

Но, дали тоа нешто би вредело? Тој не би можел да тренира две недели и цело време би морал да биде во хотелски притвор.

Правните експерти велат дека би можело да помине една недела додека повисокиот суд да свика рочиште, а до кога турнирот веќе би започнал.

Ако загуби на првата инстанца, временската рамка всушност го спречува да игра на турнирот“, рече професорот Роквел.

 

 

 

 

(Фото: МИА)