Блумберг: Се затвораат половина германски нуклеарни реактори

LinkSense.mk

Германија има намера да затвори речиси половина од својот нуклеарен капацитет пред крајот на годината, што дополнително ќе ја оптовари европската мрежа, која е веќе погодена од една од најлошите енергетски кризи во историјата на континентот.

Со затворањето на Гронд, Гундреминген Ц и Брокдорф, што е уште една етапа од укинувањето на нуклеарната програма во Германија, ќе останат само три нуклеарни централи, кои ќе бидат затворени до крајот на 2022 година.

Освен притисоците во снабдувањето, затворањето го отстранува клучниот извор на енергија со низок удел на јаглерод во земјата во која емисиите на штетни гасови се во пораст, пишува Блумберг.

Јапонската катастрофа ги затвора германските реактори

По катастрофата во Фукушима во 2011 година, Германија вети дека ќе ги затвори сите свои реактори. Во тоа време, земјата беше лидер во обновливите извори на енергија, но со постепеното укинување на нејзината нуклеарна програма, таа се повеќе се потпира на јаглен и лигнит за производство на електрична енергија. Нацијата заостана во трката за нула нето емисии по големите отстапки од лобито за јаглен, кон демонстрантите против ветерните електрани и во индустријата, особено кон производителите на автомобили.

Од перспектива на чиста емисија, отсекогаш била сомнителна идејата да се затворат германските нуклеарни централи пред тие да стигнат до крајот на нивниот животен век. Отсекогаш било јасно дека постепеното укинување на нуклеарната енергија ќе бара зголемено работење на централите на јаглен и гас заради што тие ќе генерираат значителни дополнителни емисии“, рече Ханс Коениг, раководител на проект во „Аурора Еннерџи Рисрч“ (Aurora Energy Research).

Нуклеарните електрани се дизајнирани да произведуваат енергија 24 часа на ден, обезбедувајќи вредна поддршка кога не дува ветер или нема сонце. Иако за исклучувањата се знае со години и малку е веројатно дека ќе предизвикаат нов скок на цените, отстранувањето на четири гигавати од основното производство укажува на опаѓање на капацитетот во Германија. Ова е една од причините зошто догодина цените ќе бидат повисоки – струјата за испорака во 2022 година годинава поскапе повеќе од пет пати.

Цените на струјата блиску до рекорд

Тајмингот тешко дека може да биде полош. Цените на струјата низ Европа се блиску до рекордното ниво, а германското производството ќе мора да се потпре на гас и јаглен уште 20 години – пред и тие да бидат укинати. Оставањето на нуклеарните централи отворени не е опција, бидејќи за тоа би биле потребни стотици милиони евра инвестиции, посочува Коениг.

Зголеменото потпирање на фосилните горива дополнително ќе ги зголеми емисиите на штетни гасови, а Германија во тоа не е сама. Бројни европски земји го зголемија производството на енергија на јаглен во последниве месеци бидејќи снабдувањето со гас не ја задоволи растечката побарувачка, а производството од ветер е намалено.

Германија има намера да го затвори целото производство на јаглен до 2038 година, а бројот на електрани од лигнит ќе се намали за речиси 16 отсто до 2024 година.

До тогаш високите цени на емисиите на јаглен и експанзијата на обновливите извори на енергија силно ќе го намалат производството на енергија од јаглен“, истакнуваат од Меѓународната агенција за енергетика.

И тој тренд ќе се реплицира, а поголем дел од Европа ќе одлучи да се извлече од јагленот, што долгорочно ќе доведе до зголемување на инсталираната обновлива енергија, вели Сабрина Кернбихлер, аналитичар во СиП Глобал Плац (S&P Global Platts).

Сепак, на краток рок, јагленот помага да се премостат недостатоците во снабдувањето. Една германска компанија, Унипер СЕ (Uniper SE), го одложи планираното демонтирање на својата термоелектрана на јаглен Шолвен-Б за 2023 година, по доцнењето во изградбата на заменските гасни единици на истата локација. Ова ќе пружи одредено олеснување затоа што напнатоста на пазарот и понатаму трае. Но, тоа нема да и помогне на Германија да ја постигне целта за нулта емисија на штетни гасови.