Премиерот на Бугарија Бојко Борисов со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин го разгледуваше планот за бугарското претседателство со ЕУ од 1 јануари 2018 година, но на состанокот станало збор и за ситуацијата во Македонија. Во интервју за бугарската редакција на Дојче веле, Борисов вели во интерес на Бугарија е да има стабилна Македонија.
„Стана збор за Македонија. Видовте дека кога се случија инцидентите во парламентот, без никој да ги натера и и покрај тоа што јас тогаш бев во опозиција, не бев никој, среде ноќ ми се обратија тројцата – и Зоран Заев, и Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов. Затоа што се убедиле дека не само што сум добар човек, туку и многу сакам Македонија да е стабилна како држава, нашиот сосед да е стабилен.
За нас би било премногу – од едната страна е Крим, од другата Турција во воена состојба, Грција се тресе секојдневно, во Македонија видовме што се случи. Затоа ја убедив и канцеларката Меркел и останатите дека треба да им се помага. За нас се важни, треба да ? дадеме шанса на новата влада и, се разбира, да продолжиме да разговараме и со Груевски, кој е од семејството на европските народни партии“, вели Борисов.
Бугарскиот премиер во интервјуто нагласува дека на Македонија и Балканот треба да почувствуваат перспектива за членство во ЕУ.







