Бочварски ќе потпише меморандум за доизградба на железничкиот Коридор 8 во Софија

LinkSense.mk

– Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе престојува во работна посета на Софија каде ќе го потпише трилатералниот меморандум меѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија за доизградба на железничкиот Коридор 8.

Целта на меморандумот е да се потврди подготвеноста на трите страни за долгорочно планирање и координиран развој на Коридорот 8 со фокус на проекти кои се од најголемо значење за регионот. Исто така, со меморандумот ќе се потврди подготвеноста на земјите потписнички за спроведување на мерките за брз и непречен транспорт на стока на граничните премини.

На поинтензивна соработка за доизградба на железничкиот коридор со потпишување протокол во јули годинава се обврзаа и директорите на државните претпријатијата за железничка инфраструктура од државава Хари Локвенец, од Бугарија, Красимир Папукчиски и Ана Дурмиши од Албанија.

Според Локвенец, создадени се сите предуслови 2026 година да биде конечна рамка за завршување на проектот за изградба на пругата кон Бугарија.

Во источниот дел на Коридор 8 во државава во тек е тендерска постапка за избор на изведувач за изградба на пругата од Куманово до Крива Паланка. Изведувачот ќе треба да ја доизгради и модернизира правата делница Куманово-Бељаковце, како и втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија се подготвува тендерска документација.

На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе” еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, во должина од 24 километри, се обезбедени дел од финансиите. Дел од железничкиот Коридорот 8 е и изградбата на пругата Кичево-Лин.