Најмалку девет лица загинаа, а 300 се водат за исчезнати откако во петокот пукна рударска брана на југоистокот на Бразил, соопштија официјални лица.
После попуштањето на браната, поплавено е подрачјето во близина на населбата Виља Фертеко, што предизвика страв од ширење на токсичен отпад и можно загадување на животната средина.
Во моментот на пукањето на браната стотици работници се наоѓаа во кафетерија која остана затрупана со кал и вода, пренесува Би-Би-Си.
Спасувачките екипи во акцијата за извлекување користат машини за ископ на земја, а гувернерот на бразилската покраина Минас Гераиш во која се наоѓа браната рече дека се мали шансите некој од работниците да биде пронајден жив.
За сега не е познато што го предизвикало пукањето на браната.
Од страв од евентуална несреќа евакуирани се жителите на околните села.
Рударската брана изградена е во 1976 година и била една од неколкуте во тоа подрачје која се користела за чување на остатоци од рудникот.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро изјави дека ова е „сериозна трагедија“ и најави дека ќе допатува во таа област, а доаѓање најавија и министрите за животна средина, рударство и регионален развој.







