По излезот на Велика Британија од Европската унија, потрошувачите во двете години, до крајот на 2021 година, потрошиле вкупно шест милијарди фунти (6,9 милијарди евра) повеќе на храна, покажа истражувањето на Економската школа на Универзитетот во Лондон. Меѓу најпогодените се посиромашните жители.
Според наодите од истражувањето, британските домаќинства заради Брегзит имале во просек за 210 фунти (244,70 евра) повисоки трошоци за храна на крајот на 2021 година, отколку на почетокот на 2020 година.
Цените на храната почнаа да растат веќе на крајот на 2019 година, кога компаниите очекуваниот товар од повисоките трошоци почнаа речиси целосно да го префрлаат на потрошувачите. Цените на производите така, за две години, пораснаа за шест отсто, а поскапувањето најмногу го погоди посиромашното население, бидејќи луѓето со ниски примања поголем дел од својата плата трошат на храна, предупредуваат авторите на истражувањето.
„Стоките во Британија, после Брегзит, повторно подлежат на инспекции и дополнителна бирократија при увозот од Европската унија“, предупреди професорот на Универзитетот во Бристол и коавтор на студијата, Ричард Дејвис.
Згора на сето тоа, Велика Британија оваа година ја зафати сериозна криза на трошоците за живот, со инфлација која достигна највисоко ниво во последните децении.
Во меѓувреме, фактот дека платите не се во чекор со сегашните услови, предизвика бран штрајкови низ целата земја.
„Инфлација во Британија е највисока во последните 40 години“, потсети Дејвис.
Цените на храната, исто така, се дополнително поттикнати од повисоките трошоци за енергија предизвикани од војната во Украина.
Обединетото Кралство се повлече од единствениот европски пазар на почетокот на 2021 година, откако граѓаните гласаа за напуштање на Унијата на референдум во 2016 година.
Британските власти тогаш со претставниците на ЕУ склучија договор за трговија и соработка после Брегзит, со кој инаку е задржана главно бесцаринска трговија членките на Унијата.
Но, и покрај тоа, компаниите продолжија да се соочуваат со значителни зголемувања на трошоците, со зголемена бирократија и доцнење на границите.