Британскиот министер за финасии Риши Сунак ги претстави измените за данок за деловни простории на фирмите, со кој се предвидува намалување на даночните стапки за малопродажниот и угостителскиот сектор погодени од пандемијата, запирање на планираното годишно зголемување на стапките и поттикнување за вложување во зелената технологија.
Излагајќи го предлог буџетот за следната година во парламентот, Сунак истакна дека не може да го укине овој данок, кој донесува 25 милијарди фунти (34 милијарди долари) годишно, но дека ќе се обиде да го ублажи товарот на фирмите, како што се пабовите, продавниците, рестораните, теретаните, кината и рекреативните центри.
Овој данок се плаќа за деловниот простор врз основа на вредноста на имотот, што е систем кој сопствениците на фирмите веќе долго го критикуваат, затоа што од аспект на трошоци им дава нечесна предност на онлајн трговците како што е Амазон.
Сунак посочи дека според новиот систем проценката на имотот ќе се ревидира на секои три години, а не на секоја петта, дека мултипликаторот на оваа стапка ќе биде замрзнат втора година по ред и дека ќе им биде даден едногодишен попуст на 50 отсто од фирмите во секторите малопродажба, угостителство и рекреација.
Ново олеснување ќе добијат и компаниите кои вложуваат во зелената технологија, на пример во соларни панели и топлотни пумпи.
„Покрај олеснувањата заради ковидот, ова е најголемо намалување на некои даночни стапки за фирмите во една година, во последните три децении. Севкупно, со денешниот предлог буџет оваа стапка е намалена за седум милијарди фунти“, рече Сунак во неговото обраќање во британскиот парламент.
(Фото: АП)