Клучните преговори за климата во Египет влегоа денеска во својата втора и последна недела во атмосфера на мали очекувања дека ќе дојде до напредок во спречувањето на глобалното затоплување.
Спорното прашање во центарот на конференцијата, позната како КОП27 (COP27), е плаќањето отштета за штета предизвикана од климатските промени во сиромашните региони.
Делегатите на конференцијата, која се одржува во египетското одморалиште Шарм ел Шеик и трае до петок, се согласија по прв пат да го стават на дневен ред тоа прашањето, познато како финансирање загуби и штети.
Земјите во развој долго време вршат притисок за создавање финансиски механизам за справување со штети предизвикани од климата во сиромашните земји.
Меѓународната група за заштита на околината „Гринпис“ соопшти дека неколку богати земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, го блокирале напредокот на КОП27 за создавање механизам за компензација за загубите и штетите.
Тие земји „конзистентно користат тактики за одложување“ за да обезбедат дека нема да се постигне договор за ова прашање најмалку до 2024 година, се додава.
Шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш, претходно на светските лидери им рече дека добивањето конкретни резултати за ова прашање е „лакмусов тест“ за посветеноста на владите за успехот на КОП27.
Претставници на околу 200 земји се борат на КОП27 со прашањето како да се запре глобалното затоплување и како може финансиски да се надоместат штетите предизвикани од климатските промени.
Кампањите за заштита на животната средина го засилија притисокот врз преговарачите да преземат опипливи чекори за борба против климатските промени, вклучително и ставање крај на финансирањето за производство на енергија од фосилни горива.
Руската инвазија на Украина, меѓу другото, доведе до скок на цените на енергијата, што поттикна неколку земји да ја преиспитаат својата енергетска политика и повторно да ги покренат електраните на јаглен.
КОП27 се одржува после природните катастрофи, вклучувајќи поплави, топлотни бранови и суши, кои зедоа огромен данок врз животите и средствата за живот на луѓето ширум светот.







