Британските власти сметаат дека Северна Кореја можеби му должи на Иран за најновите успеси во развојот на нуклеарното оружје, пишува весникот „Телеграф“.
Во текстот се наведува дека Министерството за надворешни работи на велика Британија се обидува да дознае дали „сегашни или поранешни нуклеарни сили“ можеби му помогнале на Ким Јонг Ун да направи пробој во програмата за развој на нуклеарни боеви глави и ракети. Извори во владата сметаат дека малку е веројатно дека некои севернокорејски науќници сами можат да дојдат до такви достигнувања. Претходно тоа го изјави и министерот за надворешни работи Борис Џонсон.
„Во овој момент ги истражуваме околностите како оваа земја успеа да направи таков технолошки скок. Проверуваме дали во тоа улога има некоја нуклеарна сила, намерно или не“, изјавил истакнат дипломат за лондонски „Телеграф“.
Соговорникот не кажал кој би можел да пружи наводна помош на Пјонгјанг. Според информациите на весникот, на врвот на „осомничените“ за давање на тајна помош се наоѓа Иран, но не се прецизира од што се мотивирани овие сомнежи.
Целта на истрагата е во тоа дека откривањето на таква врска ќе им даде на дипломатите дополнителна можност за притисок над Северна Кореја, истакнува весникот.
Истовремено, „Телеграф“ наведува дека под сомнение на британските власти се наоѓа и Русија. За оваа претпоставка не се дадени повеќе детали.
Северна Кореја на 3 септември ја изведе својата шеста и до сега најсилна нуклеарна проба, соопштувајќи дека детонирала унапредена хидрогенска бомба за ракета со долг домет. Нешто пред тоа, Северна Кореја тестираше балистичка ракета која прелета преку територијата на Јапонија.
Вчера сталната мисија на САД во Обединетите нации објави дека Америка на 11 септември ќе го стави на гласање нацртот на резолуцијата на Советот за безбедност при ОН за санкции против Пјонгјанг.







