Бројот на КОВИД-заразените се намалува, да се почитуваат мерките и совесно да се прославува

Вкупно 20.278 активни случаи со КОВИД-19 има досега во земјава.

Иако бројот на новодијагностицирани се намалува, а се евидентираат се повеќе оздравени, сепак дневно се регистрираат по 20-тина починати.

Вчера се регистрирани нови 530 случаи со КОВИД-19, 538 оздравени и 26 починати лица од направени 1.999 тестирања.

Надлежните постојано апелираат да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Деновиве се интензивираат и апелите за совесно прославување на претстојните новогодишни и божиќни празници, без големи групирања и загрозување на јавното здравје.

Министерството за здравство вчера сооопшти дека во земјава вкупно се хоспитализирани 1.045 пациенти од КОВИД-19 и има околу 300 празни болнички кревети.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекува вкупно 631 пациент.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 44 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 36 пациенти, во Велес се лекуваат 35 болни, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19.

Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 72, во ковидцентарот во Гостивар 35, а во Струга 36 болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 61 пациент, во Кочани 19 во Кичево 20, Кавадарци 36, во Гевгелија 19 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил соопшти дека МВР има посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари.

„Полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари затоа што е важно да се одржи јавниот ред и мир, а тоа го покажува ланскиот мал број пријави и инциденти. Имаме посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари, затоа апелирам за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје, ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните ќе мора да си сноси одговорност“, напиша министерот Спасовски.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 81.425, бројот на оздравени пациенти е 58.720, а на починати е 2.427.