Бруталноста во Иран продолжува

LinkSense.mk

Телото на девојката која учествуваше на протестите во Иран и исчезна во септември, беше пронајдено во мртовечница во притворски центар, а откако беше предадено на нејзиното семејство, е украдено и тајно закопано, јавува Би-Би-Си.

Ника Шакрами, која живееше во Техеран и во недела ќе наполнеше 17 години, исчезна во септември, а нејзиното семејство беше повикано во саботата да го земе нејзиното тело во мртовечницата во притворскиот центар 10 дена подоцна.

Семејството планирало да ја погреба Ника во понеделник, но нејзиното тело било украдено и погребано во село оддалечено околу 40 километри, изјавиле изворите.

„Ника во нејзината последна порака до пријател напишала дека ја бркаат безбедносните сили“, изјавија нејзините роднини за Би-Би-Си.

Во септември во Иран избувнаа антивладини протести по смртта на младата Иранка Махса Амини (22), која беше приведена од моралната полиција.

Амини падна во кома неколку часа откако беше уапсена поради, наводно, прекршување на правилото за хиџаб.

Протестите започнаа по нејзиниот погреб, се проширија низ целата земја и станаа најлошите немири видени во земјата во последните години.

Во вторникот, иранскиот претседател, Ебрахим Раиси, повика на единство против протестите кои продолжуваат да растат и ги зближуваат Иранците и покрај етничките и класните поделби и напорите на властите да ги задушат, пишува Гардијан.

Раиси го повтори официјалниот став на владата дека протестите ги започнале странски провокатори, но призна дека Иранците се лути поради одредени „неуспеси“ на Исламската Република.