Бугарија ги крши европските норми: Прислушувани новинари, политичари и граѓански активисти

LinkSense.mk

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека со бугарскиот закон за тајно следење и надзор се крши Европската конвенција за човекови права, соопшти таа европска институција.

Од судот беше побарано да го оцени бугарскиот закон за надзор од 1997 година, како и неколку членови од кривичниот закон на таа држава, објави АП.

Во соопштението судот наведува дека „законските норми со кои се регулира сферата на тајното следење не ги исполнуваат критериумите за квалитет на законот“ дефинирани во Европската конвенција за човекови права, а бугарската влада „не се задржала само на неопходниот надзор“.

Во пресудата се вели дека законот за тајниот надзор, со кој се регулира прислушувањето и следењето, е неквалитетен и не може да ги гарантира критериумите на демократските општества за почитување на приватноста на граѓаните.

Овој случај во 2012 година го покренаа двајца бугарски адвокати, Михаил Екемџиев и Александар Кашамов, заедно со две групи за човекови права, но предметот е ажуриран со нови докази за тајно следење во изминатата деценија.

Минатата година специјалната парламентарна комисија ја откри една од најголемите шеми за прислушување во историјата на Бугарија. Тогаш било утврдено дека биле прислушувани телефонски разговори на повеќе од 900 граѓани, вклучително и новинари, политичари и активисти на организации за заштита на човекови права за време на повеќемесечните антикорупциски протести кои на крајот доведоа до пад на бугарска влада од десниот центар, предводена од ГЕРБ чиј лидер е Бојко Борисов.