Премиерот, Зоран Заев, денеска се сретна со Томас Герберих, амбасадор на Република Германија во Македонија. На средбата биле поздравени реформските чекори на Македонија и добрососедските односи, што водат кон остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата, информираат од владината служба за информирање.
Германскиот амбасадор на средбата ја пренел поддршката од Република Германија за евро-атлантските аспирации на Македонија, информирајќи дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската унија.Герберих соопштил дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија, за конструктивните политики низ коишто се решаваат прашањата важни за напредок на државата.
„Владата е цврсто определена кон политики што ќе овозможат квалитетен реформски процес за доброто на граѓаните и за отворање на перспективите кон ЕУ и НАТО. Очекуваме во следните три месеци поместувања на тој пат“, истакнал премиерот Заев.
На состанокот се разговарало и за важноста на Дигиталниот самит што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој на Македонија.







