Лидерите на земјите членки на Европската унија ќе се состанат утре и во петок во Брисел за да разговараат за војната во Украина, судирот во Газа и плановите на Европската комисија за развој на одбранбената индустрија на ЕУ, како и за потенцијалното идно проширување на 27-члениот блок.
Собраните премиери и претседатели ќе го разгледуваат планот за купување оружје за Украина со помош на приходите од замрзнатите руски имоти.
Предлогот, кој го подготви високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, предвидува 90 отсто од доделениот приход да оди во вонбуџетскиот фонд на ЕУ за воена помош.
Останатите 10 отсто ќе бидат додадени во буџетот на ЕУ и ќе се користат за зајакнување на индустрискиот капацитет на Украина за производство на сопствено оружје, најави Борел.
На собирот преку видео врска ќе се обрати украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
На дводневниот состанок се очекува и дека ќе биде повторен повикот на министрите за надворешни работи во февруари, за „итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот“ во Газа.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ќе се приклучи на разговорите во Брисел кога на дневен ред ќе биде војната меѓу Израел и Хамас.
Ќе се разговара и за предлогот на Комисијата за зајакнување на индустријата за оружје на Унијата со доделување на 1,5 милијарди евра за заедничка набавка на воена опрема.
Постои веројатност дека лидерите ќе се согласат да ги отворат преговорите за членство во ЕУ со Босна и Херцеговина, после препораката на Комисијата на 12 март.
И покрај важноста на меѓународните прашања, домашните проблеми сепак би можеле да го одвлечат вниманието на присутните на состанокот заради новите земјоделски протести кои треба да се одржат. На последниот самит во февруари, бриселскиот кварт каде што е седиштето на Европската унија беше блокиран од колони трактори.







