Македонскиот првак Вардар забележа голема победа во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ денеска во Струмица го урнаа шведскиот великан Малме со 3:1. Со вкупен резултат 4:2, (3:1 дома и 1:1 на гости) вардарци обезбедија пласман во наредната рунда.
За следен противник вардарци го очекуваат подобриот од дуелот кој што се игра утре, помеѓу Копенхаген и Жилина. Многу веројатно е дека противник на нашите фудбалери ќе биде дански Копенхаген, кој по првиот натпревар има предност против Жилина од 3:1 остварена на гостински терен.
Уште во 4. минута шанса имаше Балотели, но не успеа да ја закачи топката, а нападите продолжија до 10. Минута, но Малме вешто им одолеа.
Гостите први дојдоа до водство. Во 15 минута од мечот Гачевски го фаулираше во шеснаесетникот Џо Инге Берг, а судијата покажа на белата точка. Реализатор беше искусниот Маркус Розенберг, кој биеше во горниот агол од голот на вардарци и им донесе радост на швеѓаните.
До крајот на првиот дел Вардар играше безидејно, а во два наврата беше оштетен од судијата. Главниот арбитер најпрво во 19 минута не му покажа директен црвен на Брорсон поради намерен прекршок, а потоа, во 35 минута му прости нов старт, за втор жолт картон.
Пред финишот на првиот дел судијата не покажа на белата точка, иако при еден изведен корнер во 45 минута дефанзивец на Малме играше со рака во својот казнен простор.
Второто полувреме донесе поофанзивна игра од страна на вардарци. Во 54 минута пречката беше сојузник на Малме, а две минути подоцна, во 65-та следеше изедначување. По изведениот корнер и добро нафрлената топка во шеснаесетникот на гостите, Бобан Грнчаров скокна над сите и со глава ја испрати топката зад грбот на голманот на Малме, Виланд.
Уште не стивнаа импресиите од израмнувачкиот гол, а вардарци поведоа со 2:1. Фелипе беше фаулиран во казнениот простор, судијата досуди пенал, но Бразилецот не успеа да го совлада Виланд. За среќа, топката се одби до Тигран Барсегјан кој ја спроведе во мрежата.
Во 82 минута вардарци пропуштија изгледна шанса да го зголемат водството. Брдаровски тргна во контра напад и го проигра слободниот Балотели но тој не успеа да ја задржи во нозете и таа заврши во рацете на гостинскиот голман.
Се беше решено во 90 минута од натпреварот. Младинскиот репрезентативец Бобан Николов по проигрувањето од Блажевски стрелаше прецизно и му донесе убедлива победа на Вардар.
https://www.youtube.com/watch?v=B57moEmHzoM&feature=youtu.be
Капитенот на Малме, Маркус Розенберг се врати од повредата за реваншот во Струмица, но не успеа да и помогне на екипата да го елиминира Вардар. Во 16 минута ја погоди целта од белата точка за почетно водство на шведскиот шампион, но тоа не беше доволно за понатамошен пласман.
„Ова е големо разочарување за нас, особено поради фактот што имавме водство на полувреме. Повеќе мислевме што можеме да загубиме, отколку што ќе добиеме доколку обезбедиме пласман во следната фаза. Мора да се вратиме посилни, но ова ќе нѐ боли долго време. Целата соблекувална е во тотален шок и разочарување“ , изјави по натпреварот напаѓачот на шведскиот првак.
Бобан Николов беше еден од стрелците на Вардар во победата над Малме. Фудбалерот од средниот ред изрази задоволство од големиот успех.
„Одигравме сосема солиден натпревар. Во првите петнаесетина минути игравме стегнато, примивме гол кој беше од чуден пенал. Но, потоа се разбудивме, се виде дека имавме доминација. Игравме во високо темпо. Дадовме еден гол, но не застанавме. Среќен сум што постигнав гол и што се пласиравме понатаму. Вардар ова го заслужува“, изјави Николов.
Со пласманот во третото коло на Лигата на шампионите, Вардар обезбеди најмалку уште четири европски натпревари. Извесно е дека во третото коло Вардар ќе се сретне со данскиот првак Копенхаген или Жилина, а дури и да биде елиминиран, тоа нема да значи крај на мечевите во Европа. Во тој случај „црвено-црните“ ќе се префрлат во квалификациите на Лига Европа.
Вардарци со пласманот во третото коло веќе обезбедија околу еден милион евра. Македонскиот првак има сигурни 580.000 евра само од УЕФА, а многу поголема е добивката од ТВ правата, полн стадион, маркетинг и слично.
Против Копенхаген или Жилина, Вардар ќе ја игра првата средба на гостински терен на 25 или 26 јули, додека на реваншот на 1 или 2 август треба да биде домаќин во Струмица.








