Вархеји: Бугарското вето е драматизирање, мораме да најдеме решение

„Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на Европската унија да се изнајде решениe и да се постигне согласност“, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, при неговата посета на Скопје, по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ.

За одвојувањето на Скопје и Тирана, тој рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

„Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање. Се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји“, рече Вархеји.

Тој појаснувајќи една своја поранешна изјава, нагласи дека самото вето е драматизирање, и подвлече дека Европската комисија работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо.

„Враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји. Договор значи закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Бугарија и Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како Унија работиме сега“, истакна еврокомесарот.