Вархеји најави раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, смета дека доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија, Брисел би можел да ги раздвои процесите за членство на Македонија и Албанија во Европската унија, иако досега течеа заедно, и да ги почне пристапните преговори со Тирана.

Тој во изјава за „Еуроњуз“ рече дека ако продолжи застојот во случајот со Македонија, ќе се разгледа можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат.

„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија за обострано прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји.

За тоа дали формалното „раздвојување“ е опција, тој одговори: „Да, тоа би можело да биде опција“.

Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.

„Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност. Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија, мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји“, рече
Вархеји на прес-конференцијата во Скопје.

За разлика од Вархеји, некои земји членки на ЕУ како Германија и Австрија отворено се изјаснија против можноста да се разделат Македонија и Албанија на патот кон Унијата, поради бугарската блокада кон Скопје.

Вчера и премиерот Зоран Заев кажа дека Скопје и Тирана треба да одат заедно кон ЕУ.

„Треба да се движиме заедно, меѓусебно ќе си помагаме во целиот овој процес“, рече Заев.

Тој упати и порака до ЕУ дека е исправена пред сериозен одговор, какви европски вредности и какви пораки ќе испрати кон Македонија, кон Западниот Балкан, но и кон граѓаните на Унијата и побара од Брисел да остане на ветеното и да го испорача тоа што земјава го има заслужено.