Велигден “под клуч“: Европа го дочекува празникот со полициски час

Уште еден празник Европа ќе го дочека „под клуч“. Католичкиот Божиќ повеќето Европјани го дочекаа под строги мерки поради пандемијата, а така, судејќи според се, ќе биде ситуацијата и за католичкиот Велигден кој е во недела на 4 април.

Иако Европската унија се надеваше дека почетокот на вакцинацијата против корона вирусот ќе го забрза ублажувањето на мерките, тоа и понатаму не се случува. Бројот на вакцинирани луѓе ширум стариот континент и понатаму е многу мал, заради фактот дека не стигнаа нарачаните дози од поедини компании, но и заради скепсата која владее меѓу луѓето во врска со самите вакцини.

Бројот на заразени со Ковид и понатаму расте па многу држави воведуваат и нови „заклучувања“ и полициски час, па затоа и католичкиот Велигден ќе се дочека во тажна атмосфера.

Германија

Германија последниве денови стално беше на работ на одлука дали ќе воведува нови мерки или не. Германската канцеларка Ангела Меркел ја повлече одлуката за потполн локдаун за Велигден – после мноштво критики упатени од сите страни. Меѓутоа, многу остри мерки ќе останат во одредени делови од земјата.

Владата на Меркел се сложи да примени исклучително строги мерки на локално ниво, во подрачјата во кои неделно се заразуваат повеќе од 100 луѓе на 100.000 жители. Но, тоа е случај во речиси 200 од 412 германски управни окрузи, што значи дека со мерките ќе бидат погодени речиси половината од 83-те милиони луѓе во државата.

Германија веќе се наоѓа во четиримесечното заклучување во текот на кое полицискиот час е воведуван на локално ниво, но никогаш не за волкав број на жители.

Сега мерките во Германија се различни, некаде училиштата се отворени, а некаде не се, некаде може да се оди во бутиците, некаде не смее.

Откако на почетокот на март беше договорено постепено попуштање на мерките, но тогаш бројот на заразени скокна, делува дека мерките ширум Германија се се пошарени, пишува Дојче веле.

Хамбург превзема поостри мерки додека случаите на корона вирусот се зголемуваат со воведувањето на ноќен полициски час. На жителите на Хамбург од 2 април ќе им биде наредено да останат дома меѓу 21.00 и 05.00 часот, ако немаат добра причина да бидат надвор, извести Шпигел.

Тоа значи дека продавниците мораат да бидат затворени од 21.00 часот. Сепак, на службите за доставување и понатаму им е дозволена достава на храна после тоа време. Трчањето надвор и понатаму ќе биде дозволено, а дозволено е и патување на работа. Градоначалникот Петер Ченчер рече дека мора да се избегнат сите непотребни патувања.

Во Берлин на многу јавни места од 31 март задолжителни се маски и тоа ФФП-2. Обичните медицински маски за еднократна употреба не се доволни, заклучија локалните власти.

Берлин воведува и забрана за ноќни собирања, а ќе го намали и бројот на децата во градинките за да се обидат од следната недела да се запре третиот бран од пандемијата со корона вирусот.

Многу области ќе одлучуваат за нови мерки ако бројот на новозаразени биде поголем од 100 на 100.000 жители.

Канцеларката Ангела Меркел смета дека германските покраини недоволно строго ги спроведуваат мерките против пандемијата. Затоа таа споменува можност за промена на законот.

Ширум земјата траат обидите, со употреба на брзи тестови, да се овозможи работата на рестораните или бутиците.

Во Сарската област од следната недела би требало да се отворат теретаните и кината, иако бројот на заразени расте.

Меркел од почетокот со скепса гледаше на попуштањето на мерките. На последниот состанок со премиерите бараше најтврд можем локдаун во текот на Велигденските празници. Меѓутоа, после критиките се откажа од тоа. Сепак, нови заострувања се можни и понатака. Следниот редовен состанок на сојузната и покраинските влади за нови мерки во борбата против пандемијата од корона вирусот планиран е за 12 април.

Франција

Рестриктивните мерки кои веќе беа на сила во Париската регија, но и во некои други области во земјата ќе бидат продолжени, најави францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиското обраќање на нацијата.

Новите мерки ќе бидат на сила барем еден месец, а Макрон оцени дека „ќе се изгуби контролата над пандемијата ако веднаш не се реагира“, пренесе Ројтерс.

Во најзагрозените зони движењето е ограничено на 10 километри, како и напуштањето на живеалиштето без посебна причина. Продавниците, освен оние за храна и лекови, се затворени.

Макрон додаде дека Франција ќе ги затвори училиштата и градинките на три недели. Претходно училиштата беа затворени два месеца во текот на првиот бран од пандемијата, но владата ги отвори во текот на вториот бран од ноември и до сега не ги затвори.

Тоа е најдобрата опција за да го забавиме ширењето на вирусот“, рече Макрон, наведувајќи дека распустот за учениците ќе почне на 12 април.

Тој оцени дека вакцините даваат резултат и дека Европа ќе биде континентален лидер во светот по бројот на произведени вакцини, откривајќи дека 250.000 луѓе ќе уќествуваат во вакцинирањето на Французите.

Лицата постари од 60 години ќе можат да се вакцинираат од 16 април, а тие над 50 од 15 мај, порача Макрон.

Франција, според најавите на министерот за здравство Оливие Веран, би можела да го достигне врвот на третиот бран за седум до десет дена со нови рестриктивни мерки.

Дневниот број на случаи од февруари двојно се зголеми на просечно 40.000 заразени. Оваа недела бројот на пациенти на Одделите за интензивна нега надмина 5.000 со што е надминат пикот од вториот бран.

Австрија

Од 1 април покраините Виена, Долна Австрија и Бургенланд почнаа да применуваат мерки на остро заклучување и важат построги мерки против ширењето на корона вирусот отколку во останатите делови на Австрија, пренесува новинската агенција Тањуг.

Така, воведен е целодневен полициски час кој, како и до сега, предвидува можност за излегување од дома за купување на прехранбени производи, заради одење на работа, но и прошетка.

Сите работници, освен маркетите и дрогериите, се затворени, а рестораните можат само да испорачуваат храна.

Што се однесува на Велигден забранети се големи прослави и важи правилото „1+1“, едно семејство може да се состане само со едно лице од друго семејство, не е важно каде, дали дома или надвор.

Во другите покраини овозможена е средба на две семејства, но до 20 часот, откога таму почнува полицискиот час и тој трае до 05 наутро.

Црквите можат да го слават Велигден со верници, но со строги мерки за почитување на дистанца и со носење исклучиво на ФФП-2 маски.

Кој сака да ги напушти источните покраини на Австрија мора да има за тоа издржана причина. Најавени се контроли на излезите од градовите за да се спречи жителите на источните покраини да „побегнат“ во другите делови од земјата каде што мерките се послаби.

Кога станува збор за училиштата, моментно е во тек распуст, а после Велигден учениците најнапред ќе имаат една недела настава од далечина.

Заклучувањето во Виена, Долна Австрија и Бургенланд ќе трае до 11 април.

Италија

Италијанската влада одобри нов пакет на анти-ковид мерки кои го потврдуваат она што медиумите веќе го најавија, а тоа значи дека во април целата земја ќе остане во режим на умерено тешки и тешки епидемиолошки ограничувања, пишува агенцијата Анса.

Тоа значи забрана за движење и посети, освен во деновите на Велигден кога е дозволено две лица од едно семејство да можат да посетат друго семејство.

Остануваат затворени баровите, рестораните (освен за куќна достава), фискултурните сали, театрите, музеите, теретаните, фризерските салони, на сила останува полицискиот час од 22 до 05 наутро следниот ден и забрана за патување меѓу региите.

Единствена голема новост во однос на претходните периоди, кога мерките како сега беа многу слични на тотално затворање, е почетокот на работата на училиштата со директна настана.

Кон средината на април владата повторно ќе ја разгледува епидемиолошката состојба и, ако приликите го дозволат тоа, ќе ги олабави мерките за ограничување.

Белгија

Според ограничувањата наметнати во Белгија заради спречување на ширењето на корона вирусот, на жителите им е забрането патувањето во странство, но можат слободно да се движат низ државата.

Многу од нив заради убавото време не можат да им одолеат на плажите на Северното море, посебно откако владата одлучи да ги затвори училиштата на дополнителна една недела пред велигденскиот школски распуст во обид да ја забават заразата.

Ситуацијата не е ништо подобра ниту во големите градови.

Во Брисел граѓаните масовно се собираат во еден од најголемите градски паркови за да уживаат во прошетките и игрите на отворено.

Според мерките, дозволено е собирање до четири лица, а задолжително е носење маски на јавни места.

(Фото: АП)