Вештачка интелигенција: „Гугл“ почнува да мириса место вас

Индустријата за парфеми со децении се обидува да предвиди релации меѓу молекуларната структура и мирисите. Проблемот е во тоа што не може само врз основа на увид во структурата да се утврди каков мирис ќе се добие. Затоа на помош дојдоа истражувачи од тимот на „Гугл брејн“, кои се надеваат дека со помош на Ал технологијата ќе успеат да го решат тој долгогодишен проблем.

Најголемиот проблем кај детекцијата на мирис е тоа што тој субјективно делува на човек. Две лица ист мирис ќе опишат на потполно поинаков начин, пишува „Пи-Си прес“.

Друг проблем е што одделни молекули, иако се врзани на ист начин, но свртени како во огледало, можат да дадат потполно различни мириси. Работите дополнително се комплицираат кога ќе се тргне со комбинирање на мириси.

Во теорискиот труд којшто го објавија, истражувачите од „Гугл“ го објаснија начинот на кој тие успеаја да го „истренираат“ Ал да препознава мириси. Тие креираа сет од околу 5.000 молекули кои ги идентификувале производителите на парфеми. Секој молекул добил „опис“ кој одблиску го одредува неговиот мирис (тропски, ароматичен, од цитрон, ориентален… ).

Ова е само прв чекор во тренирањето на вештачката интелигенција за правилно идентификување на мирисите, но е исклучително важен затоа што се покажа дека тој може да препознае „сложени релации“. Тоа во иднина сигурно ќе се одрази на сите научни дисциплини кои во основата ја имаат хемијата.