Вељаноски: На 27 април бев посветен на завршување на конститутивната седница

Обвинителниот акт е паушален и непоткрепен со докази, изјави поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, во своите завршни зборови во случајот „Организатори на 27 април”, каде е меѓу обвинетите. Тој пред Судот истакна дека на 27 април 2017 година ниту знаел, ниту изготвил некаков план, односно бил посветен во завршување на конститутивната седница.

„За ова има материјални докази од записниците на Собранието. Со Владимир Атанасовски, прв пат се имам видено во судница. Со Миле Јанакиевски, сум имал службени контакти до 2015 година. Исто така и со Спиро Ристоски сум имал службени контакти. На 27 април со него сум контактирал за еден инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат, тој во тоа време беше заменик-министер за образование и наука. Голема лага, невистина е дека со Спиро Ристоски сме имале интензивни разговори на 27 април, изјави обвинетиот Вељаноски.

Според него обвинителството со ништо не докажало, со ниту еден доказ, дека имал план од единствена причина зошто немал никаков план.

Бранителот на Трајко Вељаноски, адвокатот Еленко Миланов, денеска изјави дека уставниот поредок во тој период во РМ е парламентарна демократија и истиот е и по 27 април 2017 година и никаде не постои навод, дека некој сакал или се обидел да воспостави друг уставен поредок во земјата.

„Со тоа не е исполнет првиот и основен дел од оваа инкриминација за да може да се тврди дека некој од овде обвинетите го сторил делото. Ништо такво ниту се става на товар на обвинението, она што се става на товар е насилство, изјави Миланов.

Од сите изнесени докази, и вербални и материјални, нагласи Миланов, само се потврди дека Трајко Вељаноски конститутивната седница во Собранието ја водел строго според Деловникот.

„Не може за ова да го прогласите Трајко Вељановски за виновен, рече Миланов.

Јавната обвинителка, Вилма Рускоска, како застапник на обвинението во своите завршни зборови минатата недела во однос на дејствијата што ги презел обвинетиот Трајко Велјановски, наведе дека негова улога била да се спречи избор на претседател на Собранието. Таа во ова прилика прочита и дел од пораката на Вељаноски, испратена до пратеникот Илија Димовски, каде го упатува дел од пратениците да се упатат кон неговиот кабинет.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.