(ВИДЕО) Заев: Нема место за Груевски во новата влада

„Не може за никого на светот, па ни за нас да биде прифатливо човек кој бил носител на режим и кој ја предизвика кризата, кој прислушуваше десетици илјади граѓани, затвораше новинари, опозиционери и други невини луѓе, кој е осомничен за финансиски криминал, најголем во поновата историја на Македонија да биде решение за кризата. Тој треба да е подготвен да премине во опозиција. Зад себе имаме 67 пратеници, зад кои стојат 700.000 гласови. Сега следува само демократско предавање на власта и ништо друго“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Ал Џезеира Балканс.

Во врска со документот што го најави Никола Груевски, што неговата партија го подготвила како решение за кризата, Заев рече дека времето за документи е веќе завршено.

„Само програмата на новата Влада е решение. Тој ќе се соочи со документи и докази за криминалите направени во негово време, но тоа е работа на независните институции. Единствено решение е да дозволи мирен, демократски трансфер на власта, бидејќи со кочењето на процесите ја турка Македонија во немило сценарио. Време е после 10 години да бидат конструктивна опозиција со која сакаме да соработуваме. Да се зборува дека Македонија ќе биде уништена затоа што тој нема да е на власт, тоа е далеку од здрав разум“, истакна Заев.

За закажувањето на собраниската седница, но и за изборот на претседател на Собранието, лидерот на СДСМ посочи дека, иако барањата на претседателот Иванов се неразумни, тие сепак ќе ги следат демократските принципи и сите процеси ќе ги водат преку институциите.

„Нема никаква Тиранска платформа или какви било други платформи или документи, туку има само програма на идната влада на Македонија која е 100 отсто во интерес на сите граѓани, го јакне уставното уредување и ги потврдува евроатлантските интеграции на земјата. Кога не успеаја да формираат Влада и мандатот требаше да биде даден на втората партија со најмногу гласови, тогаш таа беше означена како проблем“ рече Заев.