Жетвата на руска пченица би можела да достигне 92,9 милиони тони, според локалната логистичка компанија „Русагротранс“.
Американското Министерство за земјоделство прогнозира 90 милиони тони, без Крим, аналитичарите на СовЕкон“ (SovEcon) 91,6 милиони тони, а консултантската компанија „ИКАР“ 92 милиони тони, што е се поблиску до рекордните 92 милиони тони собрани минатата година.
Кон крајот на октомври, Министерството за земјоделство на земјата, исто така, значително ја зголеми својата прогноза за жетвата на жито во 2023 година на 140 милиони тони, вклучително и 93 милиони тони.
Она што е поважно за светските пазари, како што пишува „Агрархејте“, е што од таа земја се очекува голем извоз, рекордни 37,5 милиони тони пченица, поради големите резерви од претходната година.
Оваа огромна сума врши голем притисок врз светските извозни цени. Во исто време, големите извозници како Австралија и Канада оваа година имаат помала жетва и послаб извозен потенцијал.
Ниту Украина поради логистички проблеми годинава не може да извезе пченица колку лани, иако има подобра реколта.
Најголеми увозници на руска пченица, со околу 40 отсто од извозот, во последните години беа Египет и Турција.
Египет 80 отсто од житарките увезувал од Русија, но и од Украина. Турција, пак, дел од увезеното жито го преработува во брашно за извоз на Блискиот Исток, во Африка и во Азија. Големи купувачи се и Иран и Сирија.
Според Рускиот сојуз за житарки, извозот на пченица достигна месечен рекорд на сите времиња од 5,8 милиони тони во септември 2023 година. Вкупниот извоз во првиот квартал од сезоната 2023/24(започнува овој јули и трае до крајот на јуни 2024 година) беше за 59 отсто поголем од претходниот.
Во првите три месеци од тековната пазарна година, Русија учествуваше со 28 отсто од светскиот извоз на пченица, во споредба со 21 отсто минатата година, потврдува Питер МекМекин, трговец со жито и аналитичар во Австралија.