Виљареал го шокираше моќниот Баерн

LinkSense.mk

Фудбалерите на Виљареал вчеравечер направија вистинска сензација победувајќи го на свој терен минхенски Баерн со 1:0.

Пред натпреварот, тренерот на домашната екипа, Унаи Емери, изјави дека би било многу убаво, а и важно, „да се преживее овој дуел, за да се сочуваат какви-такви шанси за реваншот“. А, неговите избраници не само што „преживеаја“, туку од самиот почеток почнаа да ги воодушевуваат своите навивачи.

Дека овој натпревар нема да се одвива баш како што се надеваа фаворитите од Минхен, се покажа во осмата минута, кога „жолтата подморница“ целосно ги надмудри противниците со напад по десната страна и центаршут од таму, кој Парехо го сврте кон голот, а пак движењето на топката дополнително го промени Данжума за сензационални 1:0.

Семафорот, накратко, покажа и двојно поголема предност, кога Кокелан постигна необичен гол, со центаршут од лево крило во 41. минута, но поради офсајд, судијата по прегледување на снимката го поништи тој погодок.

Баерн, кој налета на „тврд орев“ (и двете екипи имаа по шест удари во првото полувреме, гостите ниту еден во рамката на голот), ја имаше незначително повеќе топката во свој посед, но ниту замените по кои посегна Јулијан Нагелсман, кога ги извади Гнабри и Милер, а ги уфрли Сане и Горецки, не успеаја да го покренат неговиот тим кон подобар резултат.

Германците, едноставно, улогата на фаворит ја оставија да стои на хартија, а на теренот, и тоа на секој негов дел, водеа голема битка со инспирираниот домаќин.

И, иако Баерн создаваше можности, подобри, на моменти и колосални, имаше „жолта подморница“. Во тие ситуации само чиста среќа го спаси Баерн од посилен нокаут, но и овој многу ќе го боли во подготовката за реваншот кој ќе ја донесе одлуката за учесникот во полуфиналето од Лигата на шампионите.

 

 

 

 

(Фото: twitter.com/FCBayern)