Владата ги намали тарифите за нотарите и извршителите

LinkSense.mk

Намалување на трошоците за извршување за граѓаните и намалување на тарифите на нотарите и извршителите предвидуваат измените на Законот за извршување и Законот за нотаријат што денеска ги усвои Владата на Република Македонија.

„Главна цел на измените на законите е намалување на трошоците во постапките пред нотари и извршители и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги плаќаат сметките за комуналните трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити до 1.000 евра. Намалување на трошоците за граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци ќе има и во постапките пред нотарите и во постапките пред извршителите“, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерката за правда Рената Дескоска.

Тој нагласи дека со измените ќе се намалат трошоците за над 90 отсто од извршителските случаи и додаде дека очекува во октомври законите да влезат во собраниска процедура.

„Трошоците кои ги плаќаат граѓаните мора да бидат намалени и разумни, а не големи и енормни. Во постапките пред нотарите граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари“, рече Заев.

За сметки за вода, смет, телефони одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари, додаде, нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари.

„Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до вака одредените износи. Во постапките пред извршител дури 16 ставки за кои порано постоеа трошоци со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни. Некои ставки се намалени до 50 проценти, а некои и до 90 отсто“, рече Заев и посочи дека во престојниот период ќе работат и на законот за бришење на долгови.

Налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, прецизира, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките. Намалени се и наградите за извршителите и при извршување на платни налози за комунални трошоци наградата не може да биде повисока од 20 отсто од висината на главниот долг. Тие се ограничени за нотарите до 10 отсто, а кај извршителите до 20 отсто.

Министерката Дескоска презентираше симулации кои покажуваат дека за сметка од 3.000 денари за вода, смет и одржување на заеднички простории досега се плаќаше награда од 300 денари, судска такса од 120 денари, адвокатски трошоци до 2.600 денари, материјални трошоци од 250 денари и клаузула за правосилност и извршност од 220 денари.

Ако претходно вкупните трошоци кај нотар изнесуваа 3.490 денари сега ќе бидат 550 денари за сметка од 3.000 денари, бидејќи остануваат само трошоците за награда и материјални трошоци. За сметка од 11.000 денари за струја и парно кај нотар наместо 5.770 денари сега ќе се плаќа 750 денари. Пред извршител ако претходно се плаќало 5.230 сега ќе биде 660 денари, а ако има потреба да се објави во весник ако должникот е недостапен 1.660 денари.

„Штом ќе бидат донесени измените на законите во Собранието ќе бидат извршени и соодветните  измени во тарифите со тоа што тие се носат како подзаконски акт“, рече Дескоска и додаде дека измените ќе важат за сите граѓани.

Таа прецизира дека за веќе почнатите постапки доколку не се наплатени одредени трошоци ќе важат новите тарифи, а за она што веќе е платено нема да може да се побарува ретроактивно.