Владата даде зелено светло: Почнуваат со работа ноќните клубови и дискотеките

LinkSense.mk

Владата на Македонија на вчерашната седница го разгледа и прифати Планот за забрзан економски раст за период 2022 – 2026 година, кој покрај традиционалниот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во Европската Унија.

Предвидено е, покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе бидат концентрирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновациите и технолошкиот развој, развојот на физичката инфраструктура и човечки капитал, во износ од 12 милијарди евра и обезбедени нови 156.000 работни места.

Подетално за денеска усвоениот План за забрзан економски раст премиерот Зоран Заев заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими информираа на одделна прес-конференција попладнето (https://vlada.mk/node/26910).

Владата на Северна Македонија на денешната редовна 115-та седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе следните заклучоци:

– Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

– Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

– Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:

– до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест КОВИД-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19 или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19.

На денешната седница, министрите го разгледаа и усвоија Извештајот од Дванаесеттата седница на Мешовитата комисија за економска соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија, при што беа донесени задолжувања за Министерството за економија и Министерството за животна средина во рок од 10 дена по усвојувањето на Извештајот да достават писма на намери до ресорните министерства во Република Словенија за интересот на размена на искуства за бањскиот туризам и искористување на геотермална енергија, за покренување иницијатива за билатерална техничка помош за размена на добри практики во процесот на развој и понатамошна имплементација на Стратегијата за паметна специјализација и имплементација на Ревидираната индустриска политика, како и за покажување интерес на идентификување на можности за конкретна соработка во заштитата на природата и управувањето со водите.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика беше разгледан и усвоен Акцискиот план за формализирање на неформалната економија 2021-2022, чија стратешка цел е унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на неформалната економија со цел подобрување на статистичкиот систем и зголемен капацитет на носителите на економската и социјалната политика за редовно следење и детектирање на неформалната економија.

Овој План содржи конкретни активности, со соодветни индикатори, временска рамка, фискални импликации и одговорни институции за секоја активност за реализирање во периодот 2021-2022 година.

Утврдени се 16 мерки за овозможување воспоставување на систем на превентивни и стимулативни мерки за поддршка на формализација на неформалните бизниси и неформално вработените лица, како што е воспоставување на ваучер системот, одделни законски измени, поддршка за развој на задругарството, поддршка за развој на микро и малите претпријатија, развојот на социјалното претприемништво, спроведување на одделни промоции за справување на неформалната економија и сл.

Со цел јакнење на даночниот морал и намалување на толеранцијата кон неформалната економија предвидени се 16 активности за подигнување на даночниот морал на граѓаните и нивото на толеранција на општеството кон неформалната економија.

Предвидено е промовирање на придобивките од формалната економија, односно за штетноста од неформалните вработувања, едукативни активности во училиштата и универзитетите, безбедност при онлајн плаќање кај легалните ентитети и др.

Владата на денешната седница донесе Одлука да ја прекине градбата на прифатниот Центар за сместување странци на локацијата во село Бардовци и ги задолжи одделните министерства, за внатрешни работи и за транспорт и врски до крајот на ноември годинава да работат на изнаоѓање на соодветна локација надвор од населено место како основа за исполнување на проектот Центар за прифаќање и сместување на странци.