Владата не се откажува од ветингот во правосудството, тврди владиниот портпарол

Владиниот портпарол Душко Арсовски денеска изјави дека Владата не се откажува од најавениот ветинг во правосудството.

Годинава, почнати се постапки против 83 судии, а како причини се наведуваат застареност и несоодветно постапување по предмети и слично.

На прес-конференцијата во Владата, Арсовски појасни дека државата може да даде само времена рамка за овој процес, а самиот процес треба да го завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Државата не може да ја направи филтрацијата. Овој процес треба да го завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Државата може да даде само временска рамка и начин како тоа да се направи. Според информациите што ги имаме од 2019 до 2020 година само Судскиот совет разреши осум судии, а оваа година се почнати постапки за 83 судии. Причините се застареност на предмети, несоодветно постапување по предмети и слично“, рече Арсовски.

Признава дека целиот процес малку изгубил на интензитет поради пандемијата бидејќи дел од судиите се заразени или во само изолација поради контакт со заболен.

„Како и да е, Владата е се откажува од овој процес и тоа ќе биде остварено“, порача Арсовски.

Прашан зошто официјалната веб страница на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е само на албански јазик, владиниот портпарол изјави дека страната е во изработка и оти за многу кусо време ќе биде пуштена во функција и на македонски и на англиски јазик.