Власта ги повлекува измените на Законот за надворешни работи, опозицијата најави 300 амандмани

Владејачкото мнозинство ќе ги повлече предлог измените на Законот за надворешни работи со кои се предвидува амбасадор освен македонско, да може да има и друго државјанство.

Во образложението за повлекувањето на предлог законот што го поднесоа пратеници на СДСМ, ДУИ и БЕСА, се вели дека власта нема да дозволи опозицијата да прави театар во Собранието, откако од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе го блокираат неговото донесување со поднесување 300 амандмани.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милшоски, кој е претседател на собраниската Комсиија за надворешна политика и поранешен шеф на дипломатијата, најавувајќи ја „амандманската блокада“, вчера оцени предложената измена е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции.

Смета дека измените се спротивни и на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие „безбедносен сертификат со степен државна тајна” е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор.

Како трета причина зошто опозицијата е против, наведе дека дипломатијата, како и безбедноста, е сензитивна професија каде лојалноста кон матичната држава Македонија не смее да биде доведена под знак прашалник.

Од СДСМ одговорија дека нема да дозволат некој да прави личен театар и да бие внатрепартиска битка во ВМРО-ДПМНЕ правејќи театар од Собранието и затоа решиле го повлечат предлогот.

„Нема да дозволиме политиканство, нема да дозволиме деструкцијата на ДПМНЕ и нивната внатрепартиска битка да ја закочи работата на Собранието“, велат до СДСМ.

Од партијата посочуваат дека целта на законото требаше да биде да се дозволи кандидатите за амбасадори да имаат двојно државјанство, но да не можат да бидат амбасадори во земјата каде имаат второ државјанство.

Истото законско решение било ставено во процедура и во минатиот пратенички состав, но тогаш Милошоски немал никакви забелешки, нитуподнел амандмани.

„Тогаш беше истиот претседател на собраниската комисија. Сега, во контекст на другите политички случувања во неговата партија, само глумат наводен патриотизам. Очигледна е блокадата и деструкција на се што работи Собранието наместо јавно да ги искажат забелешките во конструктивен правец“, велет од СДСМ.

Од СДСМ обвинија дека за време на мандатот ВМРО-ДПМНЕ испраќале амбасадори кои имале двојни државјанства што е спротивно на закон.

„Го правеле тоа со безобзирно прекршување на Законот за надворешни работи. За тоа многу добро знае претседателот на собраниската комисија за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од СДСМ.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи, по скратена постапка, поднесен од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Јован Митрески (СДСМ) и Кастриот Реџепи (БЕСА), според агендата објавена на собраниската веб страницата, требаше да биде разгледан на седница на Комисијата за надворешна политика најавена за вторник, а е ставен и на дневен ред на 26 пленарна седница на Собранието.

Со него се предлага измена во членот 36 на Законот за надворешни работи со кој се  редени условите и постапката за именување на амбасадори, а во кој е предвидено лицето кое треба да е именувано за амбасадор да биде државјанин само на Република Северна Македонија.

Адеми, Митрески и Реџепи сметаат дека овој услов го ограничува уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции.

За предложена измена велат дека е во согласност со членот 2 од  Законот за државјанството на Република Македонија каде е неведено: „Државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е
поинаку определено“.