Јавноста очекуваше Алаѓозовски на денешната прес-конференција да каже дека ја повлекува скандалозната годишна програма на Министерството и дека поради морални причини си дава оставка од функцијата, се вели во реакцијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо тоа, граѓаните видоа срамен обид да се дефокусира јавноста од катастрофалната распределба на буџетските пари. Алаѓозовски потроши десетина минути на празни зборови, без да каже што и да е за занемарувањето на државните и националните установи со повеќегодишна традиција за сметка на граѓански здруженија за кои јавноста првпат слуша дека воопшто постојат“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека тоа што денеска го презентирал Алаѓозовски е обичен политички памфлет, без вредност за културата.
„Памфлетот што го нарекуваат некаква стратегија не нуди никакво развојно и системско поместување и унапредување на културата. Најважниот сегмент на културата, дејностите од културата се површно третирани, без никаква визија. Оваа таканаречена стратегија нема конкретни мерки или чекори“, велат од партијата.
Додаваат дека со денешниот срамен настап на Алаѓозовски, дефинитивно, се потврдило дека оваа власт е комплетно безидејна и дека е крајно време тој да понесе одговорност за своето лошо раководење во културата.







