ВМРО-ДПМНЕ бара пописот да биде електронски

Се е подготвено за спроведување на пописот. Државата има капацитет и ќе ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција. Обезбедени се комплетните мерки, екипирани се и попишувачите.

Ова е ставот на Владата, наспроти предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пописот да биде електронски поради актуелната епидемиолошка ситуација.

Премиерот Зоран Заев вчера уште еднаш апелираше на сериозност. Потсети дека 20 години во земјава не е направен попис. Попис мора и ќе има, порача Заев.

Веднаш следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја обвинија Владата за аматеризам во однос на тоа како ја води целата операција околу пописот и апелираа Заев и Државниот завод за статистика да се договорат дали има доволно попишувачи.

„Дваесет години немаме попис. Попис мора и ќе има. По 20 години што сме? Држава, нација? Мора да има попис. Се е подготвено и драго ми е што нашата земја конечно покажува капацитет да спроведе ваква статистичка операција која значи фер, рамноправност, еднаквост во распределбата на економските ресурси, во правото на развојот и во квалитетот на живот за граѓаните. Многу е важно да се спроведе пописот“, рече Заев.

Премиерот напомена и дека пописот е олеснет со електронската база на податоци од кои голем дел ќе бидат само проверени.

„Зоран Заев, Владата што ја води и Државниот завод за статистика нека се договорат има или нема доволно попишувачи, а потоа да не го загрозуваат здравјето на граѓаните и да прифатат електронски попис. Во само 24 часа имаме два различни става. Прво, Заводот за статистика и Владата велат дека немало доволно попишувачи, а потоа Заев излегува и вели дека има. Аматеризмот со кој владата ја води целата операција околу пописот покажува дека целосно несериозно ја водат државата и дури и оваа најзначајна статистичка операција како што е пописот се спремни да ја компромитираат“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Време е, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ да не се инаети и да гледа разумно кон работите, за доброто на граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ нуди предлог-излезно решение од калта во која власта сама се заглави. Доколку има проблем со попишувачите, кој очигледно го има, но и поради се поголемиот замав на четвртиот Ковид бран од кој гледаме дека секојдневно се заразуваат и над 1000 луѓе, а по 20-тина умираат, потребно е спроведување електронски попис, како ќе се спречи евентуален неуспех на пописот“, истакнаа од опозициската партија.

Пописот на населението, домаќинствата и становите треба да почне на 5 септември, а ќе трае до 30 септември.

 

 

(Фото: МИА)