ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Спасовски му го свртеа грбот на својот народ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение им оддаде почит на осумте припадници на безбедносните структури на Република Македонија, кои пред две години во Куманово во антитерористичка акција ги положија своите животи во одбрана на Република Македонија.

„Сите ние ќе им бидеме вечни должници за нивната неверојатна храброст и пожртвуваност. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ, засекогаш ќе останат запишани меѓу хероите кои се бореле и ја создале Република Македонија“, се вели во пораката од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија ги обвинија Зоран Заев и Оливер Спасовски дека засекогаш ќе останат на другата страна, меѓу оние кои му свртеле грб на својот народ. На столбот на срамот.

„Зоран Заев и Оливер Спасовски треба цел живот да се срамат за своето нечовечко и предавничко однесување и дејствување. Тие треба цел живот да се срамат затоа што денот по антитерористичката акција отидоа и се сликаа селфи смеејќи се на местото на кое пред само неколку часа подмолно беа убиени осумте храбри синови на нашата држава. Поддржувачите на Заев ги напаѓаа и повредуваа колегите на загинатите херои и на полициските службеници им порачуваа „Куманово пак да ви се случи”, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.