ВМРО-ДПМНЕ: Расте сиромаштијата во земјава

„Грижата на власта не е за граѓаните, туку единствено за нивните фотелји и луксуз. Над 40.000 граѓани на Република Македонија останаа без работа, огромен дел од компаниите се принудени да им исплаќаат минимална плата на вработените, но затоа функционерите на СДСМ земаат огромни плати од граѓаните во илјадници евра“, се наведува во денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата прашуваат и бараат одговори од директорите, назначени функционери од СДСМ, за висината на нивната плата која, велат, била исплатена со парите на граѓаните кои едвај мака мачат крај со крај да врзат низ месеците.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението се „фокусира’ на Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна Комисија за енергетика, кој според нив имал приходи од околу 2.000 евра месечно, Томислав Тунтев од Агенцијата за цивилно воздухопловство, чија месечна плата била околу 3.000 евра и на директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со јавен, станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, кого го обвинуваат оти земал 75.000 денари, плус бонуси и додатоци вклучени во менаџерскиот договор додека, наводно, Претпријатието тонело во долгови, а платите на менаџерскиот тим биле огромни.

“И додека функционерите на СДСМ и Заев земаат илјадници евра плата, прогнозите на Светска банка се дека сиромаштијата оваа година е покачена во Македонија за 6.4%. Над 23.3% од населението живее во длабока сиромаштија, но затоа функционерите на СДСМ живеат во најголеми луксузи“, се наведува меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМЕ, лиферувано до јавноста.