Неодговорната политика на СДСМ кон земјоделието ги остава оризопроизводителите во кочанско-виничкиот регион без обезбеден откуп на оризот, а со тоа и без основни средства за егзистенција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај немањето на откуп, оризопроизводителите во стартот на сезоната се соочија и со ниски откупни цени, кои не поминуваат 18 денари за арпа, односно 35 денари за бел ориз.
„Ова е сосема спротивно на ветувањето на СДСМ дека цените на оризот по нивно доаѓање на власт нема да биде пониска од 25 денари за арпа, односно 50 денари за бел ориз, што се виде дека ниту ќе ја остварат ниту пак преземаат мерки за решавање на проблемот.
„Ситуацијата е алармантна. Доколку владата не реагира и не им помогне на оризопроизводителите под знак прашалник ќе биде претстојната сеидба, но и опстанокот на стотина земјоделци од кочанско-виничкиот регион. Потребни се итни и ефективни мерки за помош на земјоделците.
ВМРО-ДПМНЕ бара владата да пристапи кон интервентен откуп на соодветни количини на ориз, кои останаа не откупени со што ќе се изврши стабилизирање на цените и пазарот. Со тоа оризопрпоизводителите ќе се спасат од економски крах и ќе можат да ја продолжат својата дејност и оваа година.
Владата мора веднаш и без одлагање да го изврши интервентниот откуп во интерес на опстанокот и егзистенцијата на оризопроизводителите.
ВМРО-ДПМНЕ дополнително предлага во овие тешки периоди за оризопроизводителите владата да пристапи кон субвенционирање на потрошената вода за наводнување по единица површина за минатата и за оваа претстојна година, вели Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во интегрален текст од прес конференција за медиуми.







