ВМРО-ДПМНЕ „фаулирана“ на конгресот на Европските народни партии

 

Претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол, на конгресот што деновиве се одржува на Малта, отвори фронт против корупцијата, најавувајќи дека наредните месеци ќе се изработат „насоки за етичко политичко однесување“ на сите партии во нивното семејство.

Дол беше многу директен и многу жесток во излагањето – дека нивната политичка група не може да си дозволи ова прашање да биде искористено против нив во изборната кампања во 2019 година.

Пораката до лидерите што ги толерираа до вчера, како Виктор Орбан, Александар Вучиќ, Никола Груевски и слични, е дека политиката што ја застапуваат отсега мора да биде кредибилна и дека тие мораат да запрат со популизмот и поттикнување етнички конфликти.

Таа беше толку силно пласирана и повторувана што стана доминантна на конгресот.

„Последните неколку години во сите политички фамилии секаде во Европа имаше корупциски скандали, поткупи и конфликт на интереси. ЕПП не е подготвена да прифати таков развој во своето политичко семејство. Тоа ги повредува нашите принципи. Следните неколку месеци ќе изработиме водич за етичко однесување за сите партии во политичкото семејство. Мора да ја прифатиме одговорноста, како што ја прифаќаа нашите татковци основачи, зошто ние сме посветени на христијанските вредности. Имаме голема одговорност пред граѓаните. Политиката мора да биде кредибилна“, рече Дол во своето воведно обраќање.

Жозеф Дол, претходно, на прес-конференција, пријателски ги „посоветува“ членовите на партиската делегација од нашата држава.

До скоро верниот политички поддржувач на Груевски изјави дека е загрижен заради корупцијата и зависното судство што „цветаат“ во Македонија и порача:

„Загрижен сум за она што се случува во државите на Балканот. Судството не е независно и во него не може да се нападне корупцијата. Наша етичка задача е ова досие да го отвориме во нашите партии. Судството треба и мора да функционира и да работи.“

Дол истакна дека во наредните месеци ќе работат на етиката во народните партии. Рече дека тоа не било лесно, но тоа морало да се направи.

На конгресот на Малта, шеф на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ е Емил Димитриев.

Делегати и гости на конгресот се и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Шпанија Марио Рахој, премиерката на Норвешка Ерна Солберг, ирскиот премиер Енда Кени, унгарскиот премиер Виктор Орбан, претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и претседателот на ЕУ, Доналд Туск.