Водата во Охридското Езеро чиста и безбедна за капење и рекреација

Водата во охридското Езеро е од прва категорија што значи дека е микробиолошки и хемиски чиста и исправна за капење и рекреација.

Последните анализи на водата спроведени на примероци земени од 33 локации на крајбрежјето на потегот од Свети Наум до Радожда покажуваат максимална чистота на водата, односно прва категорија според Уредбата за класификација на води.

Спроведени се и анализи на водата на 26 базени хотели и сместувачки објекти на крајбрежјето, при што е констатирано дека водата и во нив е чиста и исправна за капење и рекреација, односно дека соодветстува на одредбите од Правилникот за безбедност на водата.

Кога станува збор за притоките од езерскиот слив, тие и натаму се најголемите загадувачи на Охридското Езеро.

Анализите на квалитетот на водата покажуваат дека со најлош квалитет од четврта категорија е водата од Велгошка река односно Грашница, додека водата од Сатеска и Коселска е од трета категорија. Водата во реката Црн Дрим е од прва категорија се до дваесет метри пред испустот од прочистителната станица кај село Враништа, каде водата на самиот испуст е од втора, а после испустот од трета категорија.

Што се однесува на нивото на водостојот во езерото, денеска Охридското Езеро е на котата 693,48 метри надморска височина, што е за десет сантиметри под просекот за јули (693,58 мнв) и 38 сантиметри над минимално дозволеното ниво од 693.10 метри надморска височина.

За осум дена водостојот на Охридското Езеро е опаднат за четири сантиметри.

Температурата на водата и натаму е над јулскиот просек и изнесува 24 степени.