„Водафон“ и „Алтис“ ќе градат телекомуникациска мрежа во Германија

LinkSense.mk

Британскиот телекомуникациски оператор „Водафон“ и холандската холдинг компанија „Алтис“ објавија дека во Германија заеднички ќе градат мрежа за широкопојасен пристап кон интернет, најавувајќи конкуренција на матичниот „Дојче Телеком“.

„Водафон“ и „Алтис“ ќе основаат заедничка компанија „Фибреко“, која ќе вложи до седум милијарди евра во шестгодишниот проект за изградба на оптичка мрежа за седум милиони германски домаќинства.

До 70 отсто од парите ќе бидат набавени со задолжување, објавија „Водафон“ и „Алтис“.

За изградбата ќе биде ангажирана подружницата „Алтис Геодесиа“, а германскиот огранок на „Водафон“ ќе биде одговорен за маркетиншките активности поврзани со услугата за побрз широкопојасен пристап до новите корисници во Германија.

Британската и холандската компанија подеднакво ќе ја делат сопственоста во „Фибреко“.

Поврзувањето треба да биде одобрено од регулаторната агенција, а се очекува решението да биде добиено во првата половина на следната година.

„Партнерството се темели на значајна мрежа од новата генерација на ‘Водафон’ и на стручното знаење во секторот и докажаните вештини во изградбата на оптички мрежи на ‘Алтис’“, рече извршниот директор на британската компанија Ник Рид.

Од „Водафон“ велат дека од „Алтис“, за овој заеднички потфат, ќе добијат до 1,2 милијарди евра во готовина.

„Алтис“ е холдинг компанија со седиште во Амстердам во сопственост на француско-израелскиот кабелски магнат Патрик Драхи. Холдингот веќе управува со компании за оптичка инфраструктура во Франција, Португалија и Израел.