Во близина на Либија се удавиле повеќе од 100 мигранти

Се стравува дека најмалку 120 мигранти се удавиле откако гумениот чамец во кој се наоѓале се превртел во разбранувано море во близина на Либија.

Тие се обидувале да стигнат до Европа, соопштија хуманитарни организации и Агенцијата на ОН за миграции.

Десетици тела вчера биле забележани во близина на превртениот чамец во кој имало 130 лица, соопштија спасувачките служби.

Според прелиминарната реконструкција на настанот, европската хуманитарна група „СОС Медитеран“ вчера добила повик од волонтерската единица за спасување „Аларм фоун“ за присуство на три чамци во меѓународните води во близина на Либија.

Брановите во таа област достигнувале висина до шест метри.

Денеска, по часови и часови потрага, нашите црни претчувства станаа вистина. Екипажот на „Океански Викинг“ беше сведок на ужасни сцени североисточно од Триполи. Околу 130 луѓе биле во овој чамец за време на повикот за помош во средата наутро, рече Лујза Албера, координатор на „Океански Викинг“.

Жешката линија „Аларм фoун“ соопшти дека „сите луѓе можеа да бидат спасени, но властите, знаејќи за ситуацијата, ги оставија да умрат на море“.

Линијата за помош била во контакт со чамецот десет часа на 21 април и, наводно, ја утврдила ГПС позицијата и постојано ја пренесувала позицијата и информациите за опасната состојба до европските и либиските власти.

Сепак, се истакнува дека европските власти ја отфрлиле одговорноста за координирање на операцијата за пребарување и наместо тоа посочиле дека либиските власти се одговорни.

Либиската крајбрежна стража, меѓутоа, одби да почне операција за спасување, оставајќи 130 луѓе во бурното море цела ноќ, се вели во соопштението.