Во Европарламентот поднесен предлог за оданочување на месото

Повеќе холандски невладини организации до европските пратеници поднесоа предлог за данок врз месото за да се надомести штетата што ја предизвикува производството
врз животната средина.

Предлогот предвидува диференцирана такса врз месото: 100 грама говедско би било оданочено за 47 центи, свинското 36 центи, пилешкото – 17 центи. Целта е да се поттикне потрошувачот да ги ревидира навиките на консумација на месо.

Според научните истражувања, потребно е драстично намалување на производството на месо и во прехранбените навики за да се избегнат опасни последици по животната средина и климата.

Научното списание “Природа“ неодамна пресмета дека е потребно индустријализираните земји да ја намалат за 90 отсто консумацијата на месо, за 60 отсто млекото и за половина јајцата.

Во предлогот поднесен до Европскиот парламент се посочува дека со намалувањето на потрошувачката на месо и поголема употреба на вегетални супститути, здравствените трошоци исто така значајно би се намалиле за европските земји. Освен тоа, околу половина од оваа такса треба да им биде доделена на земјоделците за да инвестираат во одржливи стратегии на производство. Потрошувачите, пак, би имале корист од оваа такса доколку истовремено се намали ДДВ-то врз зеленчукот и овошјето како што предлагаат невладините организации, со што би се намалиле цените.

Предлогот предвидува дел од оваа такса да им биде доделена на ранливите категории граѓани и сиромашните земји кои најтешко се прилагодуваат на климатските промени, и кои се и најпогодени од нив.